Три дена во Скопје гостин на Националната галерија на Македонија (НГМ) беше еден од најпознатите светски современи уметници, Анри Сала. САКАМДАКАЖАМ.МК имаше ексклузивна средба со него во Даут-пашин амам, каде што на крајот на следната година, а во рамки на одбележување на 70 годишнината на Националната галерија, Сала ќе има самостојна изложба.
Директорката Дита Старова Ќерими и кураторката Ана Франговска велат дека Сала обично доаѓа порано да го види просторот каде што ќе изложува, зашто за него се од големо значење историјата на објектот каде што се претставува и неговата акустика. Велат и дека по неколку години работа успеале да го добијат Сала, за што им помогнала поранешната амбасадорка на Франција во земјава Лоранс Оер и Францускиот институт.
Сала е ангажиран уметник, и вели дека како секој човек тој е политичко битие, дека политиката не е експлицитна во неговите дела, но дека ја има.
Овој значаен уметник за регионот, и светски познат автор ни рече дека не му требало да бара време или желба за да ја прифати поканата.
„Тие се тука постајно“, вели непосредниот Сала и продолжува: „Ние сме географски и културолошки многу поврзани, имаме врски од секаков тип, имаме многу заеднички нешта. Ги следам политичките движења во регионот, но и во Германија каде што живеам, во Франција, во Бразил. Јас сум политичко битие , а тоа ми помага во уметноста. Речиси секогаш политичкото го има во моите дела, но никогаш како конкретна реакција или коментар на актуелни случувања. Па така, не верувам дека ќе има коментар на пример на ‘Скопје 2014’ во мојата изложба во Скопје, зашто верувам дека уметноста и културата можат да ѝ дадат повеќе на јавноста која пак заслужува нешто над она што го нуди дневната политика, и дневните политички наслови. Уметноста и културата, според мене треба да се во контекст со тие наслови, но не треба да ги коментираат, треба да се нешто што доаѓа од заднината, како поднаслов, како титл. Уметноста, а и јавноста заслужуваат критички однос кон стварноста, а не гол коментар. Тие треба да понудат друг поглед на светот, друг агол од оној што ја нуди дневната политика“, вели Сала.
Сала има 44 години и е роден во Тирана, каде што завршува Уметничка академија. Во 1996 заминува во Париз на постдипломски студии за видеоуметност и за филм, каде што останува до 2000. Последниве години живее во Берлин.
Во Скопје дојде по Мексико, Австралија, Бразил, и Германија каде што само оваа година имаше изложби.
Сала е еден од водечките уметници во светот на современата визуелна уметност, и од богатата биографија го издвојувме неговото учество како претставник на Франција на Венециското биенале во 2013, а со проектот од 2003 „Дајте ми ги боите“, работен со актуелниот премиер на Албанија, а тогашен градоначалник на Тирана, уметникот Еди Рама тој е претставен во музејот Тејт во Лондон. Изложува во сите престижни галерии и музеи за современа уметност буквално низ целиот свет, а меѓу наградите кои ги има добиено е и за Најдобар млад уметник на Венециското биенале во 2001, има номинации за најдобар млад уметник за Хуго Бос, Сребрена награда на 55. ЕКСПО, наградата Винсент што се доделува во Хаг, а за неговите филмови и видеа е наградуван со високи признанија по фестивалите во Њујорк, Шведска, Париз, Албанија, Португалија, Шпанија, Швајцарија.
Сала вели дека во своја рана фаза увидел дека јазикот кој е инаку примарен за комуникација и е важен за политичарите, за него и за неговата работа почнал да станува помалку важен. Тоа го истражувал уште како студент во краткиот филм „Интервиста“, интервју со неговата мајка во 1998, за што е награден за најдобар филм на Бруклинскиот фестивал на документарци. Тоа е филм кој зборува за комунистичкото време во Албанија, а при тоа е изгубен тонот на интервјуто, па за ставовите на неговата мајка за марксизмот и ленинизмот во што верувала, за сликата на Албанија од тој период, му помогнале учениците од школата за глуви кои читале од усните на мајката на Сала.
„Таму се занимавам и со кризата на јазикот во политичка смисла, неговата непроѕирност, излегувањето од контрола и од контекст и околу тоа колку синтаксата го контролира јазикот. Почнав да станувам сомничав кон јазикот и почнав да се вртам кон звукот. Таму најдов потенцијал за комуникација и за споделување на таа комуникација со публиката. Споделувањето значи комуникација, но не и конверзација. Комуникацијата значи дека не ја туркате публиката да го гледа делото на дневна база, туку да оствари комуникација, што е различно отколку конверзацијата. Затоа мислам дека уметноста не треба да коментира, таа треба да споделува индивидуалност, она што дневната политика го нема“, вели Сала и додава:
„Некогаш публиката не може да го препознае политичкото во моите дела. А јас гледам политика насекаде. Кога е таа добра, работи на еманципација на општетството, кога не е добра тогаш работи на негова контрола. Секаде има политика, и во односите кај луѓето се гледа тоа зашто се јавува желба за моќ, да се наметнеш врз другиот. Еве еден пример од мојата работа. Направив звучна скулптура која се базира на звучни бранови и користев премини или мостови. Тоа се делови во песната кога таа се оддалечува од самата себеси, и потоа се враќа во рефренот. Користев над 80 такви мостови од различни музички жанрови, епохи, земји. За мене и во тоа има политичко, зашто кога си во тие премини ти се чувствуваш како да губиш нешто. Во 1990-тите години во песните има помалку такви мостови. Зашто, за да направиш таква композиција мора да си врвен музичар. Нормално генерализирам, но во поп музиката авторите не се мачат многу. Таквите музички мостови ги прават песните ранливи, а со тоа како автор влијаеш на еманципација на публиката, споделуваш животно искуство. Сметам дека со публиката не треба да си арогантен, нејзе треба да ѝ покажуваш, а не да ѝ кажуваш. Да ја предизвикуваш, но не и да бараш нешто од неа за возврат. Публиката не треба да се потценува и да се осудува“.
Го прашавме добро расположениот Сала за разговор, што би можеле да очекуваме од него во Даут-пашин амам, а тој насмеано вели дека не сака да изјавува што било, зашто тоа може да се менува. Има цела година да ги развива идеите кои ќе се инспирирани од просторот. Тапани, вели, секако ќе има, зашто тие како да се негов заштитен знак, а овде секако ќе одговараат.
„Објектов има силен карактер, богат поранешен живот и секако дека ме инспирира за некаква звучна архитектура. Во мојата работа ме интересира поимот на траење, на поминување на времето, па секако дека ќе ме провоцира да го истrажам значењето на тоа како сега луѓето ќе се движат во овој простор, а како се движеле некогаш. Изложбите ги правам секогаш така што тие ќе кореспондираат со објектот. Просторот не го користам за да ја покажам мојата работа, туку ја користам можноста со моето дело да го поканам просторот назад, да го покажам местото во различни начини и контексти на неговиот живот“, говори Сала во најава на изложбата во Скопје која ќе биде на крајот на следната година.
Светски славниот уметник вели дека со своите дела не праќа пораки: „Она што е важно во однос на мојата работа е дека моите дела не раскажуваат приказни иако во нив има наративност. Би сакал моите дела да привлекуваат внимание и да поттикнуваат на размислување, а не да објаснуваат некаква појава. Се надевам дека тие се чкрапало со кое започнуваат одредени процеси на рефлексија кај посетителот кој своето просветлување ќе го добие од делото, од просторот каде што е изложено и од сопствената свест“.
Анри Сала е пријател со актуелниот премиер на Албанија Еди Рама, вели на што е посебно горд. Парискиот период на Сала е заеднички и за Рама и е период во кој многу се дружеле и соработувале. Потоа доаѓа проектот „Дајте ми ги боите“, за кој Сала вели дека првично почнал со самата интервенција на Рама како тогашен градоначалник да ги обои фасадите на посткомунистика Тирана во најразлични јарки бои. Тоа било инспирација за Сала за филмот, што подоцна го прослави и него, а и самата Тирана.
„За мене беше интересно истражување зашто во тој филм не зборувавме само за влијанието на боите, туку Рама имаше направено анкета со две прашања – дали ви се допаѓа ова што го правиме, и дали би сакале да продолжи. Кога си политичар е исто како кога си уметник. Даваш, но мора и да слушаш што вели јавноста. Анкетата покажа дека на 25 отсто од јавноста интервенцијата со боите не им се допадна, но беа да се продолжи. Тоа беше јак политички сигнал дека на градот и на земјата им се потребни промени. И во ова дело јас се занимавам со она што го бара животот, а што е зад сликата“, вели Сала.
Сала често во неговите дела користи моторизирани тапани кои свират сами од себе, вели дека музиката ја користи како јазик.
„Музиката е архитектура на времето и на траењето. Музиката во својата суштина, во тоа како функционира многу наликува на архитектурата. Полесно е да објаснам преку пример, па така во делото ‘Равел…’, двајца пијанисти свират ист концерт, за лева рака од Равел. Видеото е монтирано така што има простор помеѓу, на некои места помалку се чувствува разлика, на некои повеќе, но има простор во кој јас си играм со тоа имагинарно место што се создава со префрлањето од едната на другата слика, а сето тоа асоцира на архитектура. Дури и во ова дело има политичко, зашто моите истражувања ми укажаа на тоа дека по Првата светска војна има стотици музички дела создадени за лева рака. Се претпоставува дека во војната, луѓето кои свиреле губеле делови од телото, ги губеле десните раце, зашто се претпоставува дека повеќето биле десничари. Има многу малку дела за десна рака. Да не била таа војна, ситуацијата не би била таква“, вели Сала.