Со минирање беше отстранета карпа од таканаречениот Златен рид во битолската касарна за на нејзино место да се постави фекална канализација. На овој рид досега се минираше од 12 до 15 пати за да се изгради инстрастуктурата за новата населба што се гради. Златниот рид кој што во изминатите години стана рекреативна зона на битолчани, во иднина ќе има сè помалку зеленило. Таму на големо се гради инстраструктурата, па ќе има сè повеќе асфалт и бетон.
„До крајот на ридот се над 170 маркици, кои потенцијално можат сите да бидат претворени во куќи. Над 60 парцели за куќи се продадени, најголемиот дел се тука до пред Џепането. Некои започнаа да се градат. Работиме интензивно за да направиме пат до продадените парцели. Се надевам дека ќе завршиме целосно и со асфалтирање. Асфалтот треба да биде некаде до пред џепането. Ќе има три главни улици и други патишта кои ќе водат до сите парцели“, рече битолскиот градоначалник Владимир Талески.
Улиците на Златен рид ќе бидат долги 1.300 метри.
„Во овој дел имало околу 12 до 15 минирања. Во дел имаме високи подземни води, во дел карпа од шеста категорија и навистина е комплициранода се работи“, рече Венцо Шишкин, вклучен во проектот.
Претворањето на Златниот рид и другите делови од касарната во населба каде што ќе живеат 5.000 граѓани е еден од главниот проекти на општина Битола. Веќе се изградени зградите, а сега почнува градба на куќи и викендици. На почетокот од градбата во касарната, еколошките друштва поставија транспаренти со натпис „Битола сака чист воздух“ и коментираа дека се сечат дрвја за да се изгради новата населба во град како Битола кој мака мачи со аерозагадувањето. Инаку парцелите за градба беа продадени по едно евро за метар квадратен. (Ж.З.)