Дури и дрвја пораснаа во делови од коритото на реката Драгор, а грмушки и друга вегетација нараснаа до толку што стигнуваат дури до мостовите подигнати неколку метри над реката. Коритото најобраснато е во делот на старата битолска чаршија и под железничката пруга, каде вегетацијата го отежнува дури и протокот на водата. Подобра не е состојбата ни во горното течение, иако на делови тревата е искосена и таму има островчиња со растенија и смет фрлен во реката, оти жителите дел од ѓубрето го фрлаат во коритото. Акцијата на Општината за чистење на реката започна пред четири недели, но багерите исчистија само триста метри од коритото. Веќе две недели не се работи, а ги нема ни багерите.
Иако реката почна да наликува на џунгла, битолчани кои живеат околу се навикнаа на таквиот амбиент. Ниеден битолчанец не сакаше со име и презиме да проговори за тоа како е да се живее покрај ваква река. Еден нè упати да одиме од куќа во куќа и да прашуваме, други бегаа кога ќе им кажевме дека сме новинари, а трети се преправаа дека не живеат таму. Од десетина битолчани, само една жена се согласи да зборува, анонимно, и рече дека реката ѝизгледа чиста.
„Го чистат коритото, нема некои поголеми проблеми. Порано беше позагадено. Сега е почисто. Може да биде уште почисто, но зависи од нас луѓето. Кога самите ќе водиме сметка да не фрламе отпад таму ќе биде почисто. Не може секој ден некој да чисти по нас. Некои соседи велат дека излегувале змии, можеби не биле од реката, можеби биле така на патот, јас немам видено“, ни рече битолчанката.
И од локалната власт не добивме одговор на прашањата колку траеше акцијата за чистење на реката и кога ќе биде опфатено целото корито. Кире Крстевски, директор на јавното претпријатие „Комуналец“, кое беше вклучено во чистењето, телефонски нè упати да се јавиме во Општината. Таму Службата за односи со јавност побара на писмено да ги доставиме прашањата. Им ги пративме уредно на официјалната е-адреса уште на 4 јули, но до денес одговор не добивме.
Реката Драгор минува низ центарот и вака запуштена го нагрдува ликот на Битола. Дополнителен проблем е тоа што таа повеќе наликува на колекторски канал отколку на река. Според Локалниот еколошки акционен план донесен од Општина Битола, во реката се влева отпадната канализациона и индустриска вода од градот без претходен третман. Два пати е поголема количината на канализациона вода од количината на чиста вода во реката. Но, Битола сѐ уште нема изградено пречистителна станица. За време на фотографирањето на реката, забележавме како низ ѕидот од коритото протекува нечиста вода во реката.
Ж. ЗДРАВКОВСКА