И ЛАБОРАТОРИЈАТА НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА ЌЕ БИДЕ РЕФЕРЕНТНА, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ТАРАВАРИ

    И ЛАБОРАТОРИЈАТА НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА ЌЕ БИДЕ РЕФЕРЕНТНА, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ТАРАВАРИЗа да се направат испитувањата на мострите од починатите пациентите на Инфективна од Гостивар во Институтот за јавно здравје, реагенси беа позајмени од Косово, а дел од мострите беа пратени и во Тирана и Приштина. - Министерот Арбен Таравари на денешната прес-конференција

    Лабораторијата на Клиниката за инфективни болести наскоро ќе почне да работи како референтна лабораторија за испитување на заразни заболувања. Ова денес го најави министерот за здравство Арбен Таравари, кој рече дека денес разговарал со директорот на Клиниката за инфективни болести д-р Звонко Миленковиќ дали може и лабораторијата на клиниката да работи како референтна.

    „Сега разговаравме со професорот на инфективна Клиника, чија лабораторија може многу скоро да почне со работа, имаат готови апарати, реагенсите не чинат многу, така што можеби и таму наскоро ќе почнат со работа“, рече Таравари.

    Тој ова го кажа, откако минатата недела, се појави проблем околу испитување на мострите од починатите пациентите од Гостивар, за кои подоцна се утврди дека се заболени од хеморагична треска, која ја предизвикува вирусот хантан. Лабораторијата на Институтот за јавно здравје, која во моментов единствена референтна лабораторија, немаше соодветни реагенси, бидејќи оваа здравствена установа има финансиски проблеми и подолго време работи со блокирана сметка. Реагенси беа позајмени од Косово за да се направат испитувањата во Институтот за јавно здравје, а дел од мострите беа пратени и во Тирана и Косово.

    „Минусот со кој работи Институтот за јавно здравје е проблем кој се влече со години. Треба Владата да одлучи како да се интервенира, и да се види како да се покријат тие долгови. Институтот за јавно здравје е многу е важна институција, која треба да прави многу повеќе испитувања, отколку сега. Јас мислам дека таа институција е дури и маргинализирана и заслужува многу повеќе отколку оваа состојба во која е сега, за жал. Засега прво ќе почне да работи лабораторијата на Инфективна клиника, а откако ќе се среди состојбата во Институтот и нивната лабораторија да работи, и така да имаме две референтни лаборатории“, рече Таравари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира