Дел од лекарите и здравствените работници од Заводот за нефрологија Струга реагираат на одлуката на Министерството за здравство за директор на оваа здравствена установа да го постави д-р Сами Мена. Тие во писмена реакција до Министерството, пратена на телефонската линија #ЗдравоТаравари, велат дека се зачудени од решението на министерот Арбен Таравари за директор повторно да го постави д-р Мена, кој повеќе од 10 години раководел со оваа установа како кадар на ДУИ, и дека за време на своето директорување го уништил реномето на болницата. Од директорската функција бил сменет пред неполна година.
„Сами Мена за време на своето раководење ја сроза и уништи во целост една од најпрестижните здравствени институции, како кај нас, така и пошироко во регионот и странство. Од корумпираност, до комплетна негрижа за институцијата и персоналот, до лична инволвираност во договорот за концесија на дијализа, со која ни се одзеде дел од зградата и дејноста која е срцето на болницата. Судските спорови со сопствениот средномедицински персонал, кои и покрај советите од правните лица ги водеше до крај и ги загуби, а околу 40.000 евра буџетски пари на установата отидоа во неповрат. Овие факти ги има во последниот извештај за ревизија на Фондот за здравство“, велат лекарите од Заводот за нефрологија-Струга, во писмената реакција до Таравари.
Тие обвинуваат дека старо новиот директор Сами Мена конгресите за едукација на лекарите ги користел за шопинг тури со својата сопруга, која во Заводот е вработена како медицинска сестра.
„Многупати претходно се обраќавме до поранешниот министер за здравство Никола Тодоров за да кажеме што се случува, но без резултат. И кога на крајот неговата партија ДУИ одлучи да го тргне од оваа позиција, Вие министерот, наш колега, стручен и полн со идеи за јакнење на Јавното здравство, во кое ние лекарите препознаваме трошка надеж за подобро јавно здравство, ни го враќате назад!?“, велат лекарите од Заводот за нефрологија-Струга во писменото обраќање до Министерството за здравство.
Таравари вели дека директорот на Заводот за нефрологија-Струга е назначен бидејќи зад него стојат повеќето вработени и пациентите и дека како повеќегодишен директор се памти како успешен раководител на болницата.
„Не мислам дека случајно бил 10 години директор. Повеќето вработени, па и пациентите мислат дека многу добро ја раководел болницата. Сите директори се вршители на должност. Доколку успешно не работат, ќе бидат сменети“, вели Таравари.
Г. ТРПЕНОСКИ