Град Скопје ќе му даде 3,5 милиони евра на ЈСП „Скопје”, за доизградба на панорамското тркало, тврдат од советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје. Тие денес обвинија дека со ребалансот на буџетот се пренаменуваат средства за доградба на овој непродуктивен проект.
„Во услови кога буџетот на Град Скопје за првите 6 месеци има остварување од под 30 отсто, со ребалансот се зголемуваат средства за панорамското тркало. Тоа се прави преку моделот доделување субвенции на претпријатието за т.н. потешкотии во работењето, а всушност се работи за покривање на трошоците за градба на тркало. На овој начин ЈСП ‘Скопје’ ќе добие субвенции од 3,5 милиони евра кои не се за санација на потешкотиите во јавниот превоз, туку за изградба на овој контроверзен проект, за кој што ние се изјаснивме да се стопира и конзервира”, рече Драги Давчевски, советник од СДСМ во Советот на Град Скопје.
Од кабинетот на градоначалникот Коце Трајановски ги отфрлаат ваквите тврдења на Давчевски, потенцирајќи дека средствата се исклучително за решавање на потешкотиите во работењето на јавното сообраќајно претпријатие.
„Секоја година на ЈСП ‘Скопје’ му се даваат субвенции за покривање на загубите од потешкотиите во работењето. Град Скопје никогаш не го финансирал панорамското тркало, ниту овие пари се за таа намена” велат од Град Скопје.
Изградбата на панорамското тркало беше предвидено да чини 18.5 милиони евра, пари кои во различни буџетски години ќе ги обезбедува ЈСП “Скопје”. Изградбата требаше да се финансира и преку донации, а досега пари биле донирани само Агенцијата за електронски комуникации. Пред еден месец Владата побара АЕК да престане да ја финансира изградбата на панорамското тркало.
А. АНТЕВСКА