Визер ќе добие конкуренција на летовите кон Минхен. Од 31 октомври и нискобуџетната авиокомпанија „Еуровингс“, членка на групацијата „Луфтханза“, секој вторник и петок ќе лета од Скопје до меѓународниот аеродром во Минхен.
Цената на авиобилетите почнува од 39,99 евра, најави Иван Ореч, директор за развој на мрежата на авиолинии на „Еуровингс“.
На прашањето дали Еуровингс може на македонскиот пазар да се бори со унгарската Визер, која што по повеќе основи добива субвенции и затоа има поевтини билети, директорот Ореч одговори:
„Ние летаме до Минхенскиот аеродром а ‘Визер’ до аеродромот во Меминген, кој е 110 километри оддалечен од Минхен, што носи екстра трошок. Ние сме премиум нискобуџетна компанија и за 20-тина евра поскап билет патникот добива поголема удобност – поширок простор за нозете, не наплатуваме за рачен багаж, може да се врзат летовите со интерконтинентални летови, не наплатуваме за бординг пас, ниту, на пример, за скии. А и храната во авионот е поевтина“, ни изјави Ореч, додавајќи дека Визер им е конкуренција само поради тоа што имаат мал трошок.
Од ТАВ велат дека сите авиокомпании можат да аплицираат за поддршка.
„ТАВ дава четири типа на специјална поддршка за авиокомпаниите и тоа за нова дестинација, за зголемување на фрекфенции, за зголемен број патници и за зголемен број летови“, одговори директорот на ТАВ Алпер Ерсој на прашањето дали и за „Еуровингс“ ќе важи истиот ценовник за услуги што ТАВ го има за „Визер“.
А.САЛТИРОВСКА