Референдумот во Валандово против отворање рудници и стопирање на изградбата на комплексот Казандол не успеа за околу 300 гласа, се првичните и неофицијални информации од денешното референдумско изјаснување на граѓаните од ова општина. На 24-те гласачките места не излеглеа потребните 5072 граѓани за да биде исполнет законскиот цензус.
Од Општинската изборна комисија кажаа дека со официјални информации за и околу референдумот ќе излезат на полноќ додека од граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“информираа дека уште се чекаат резултатите од сите 24 избирачки места каде право на глас имале 10.141 граѓанин.
Од иницијативата тврдат дека имало констатирано низа притисоци и уцени кон граѓаните да не излегуваат на референдумско изјаснување. Сите забелешки биле евидентирани и ќе бидат процесуирани до надлежните органи за постапување.
„Беа заплашувани граѓаните да не излегуваат, а имаше и директиви од локалната власт да не се појавуваат на гласачките места“информираа активистите на иницијативата „Спас за Валандово“ кои беа наблудувачи на изборните места.
В. ТРАЈКОВ