Контроверзниот хрватски фудбалски функционер и менаџер Здравко Мамиќ бил застрелан со огнено оружје од непознат напаѓач во близина на гратчето Томиславград, во БиХ.
Мамиќ бил ранет во десната натколеница и откако му била укажана прва помош во локалната болница, тој бил превезен во Сплит, јавуваат хрватските медиуми. Според лекарите, Мамиќ не се наоѓа во животна опасност.
Врз Мамиќ, наводно, било пукано од грмушка, по што напаѓачот побегнал.
– Врз господинот Мамиќ беа испукани истрели од огнено оружје и тој се здоби со тешки телесни повреди. Тој беше во приватна посета на Томиславград, каде што доаѓа секоја година во ова време, што значи дека нападот бил планиран – соопшти најтрофејниот хрватски фудбалски клуб Динамо Загреб, каде што Мамиќ сега ја извршува функцијата на советник.
Неодамна, Мамиќ беше физички нападнат и во Бол на Брач, кога беше фрлен во море.