САМСОНЕНКО ЌЕ ГО ИЗГРАДИ ОФИЦЕРСКИ ДОМ ДО КАРАБИНА, ВЛАДАТА ЌЕ НАЈДЕ ПАРИ ЗА ВНАТРЕШНОСТА

    САМСОНЕНКО ЌЕ ГО ИЗГРАДИ ОФИЦЕРСКИ ДОМ ДО КАРАБИНА, ВЛАДАТА ЌЕ НАЈДЕ ПАРИ ЗА ВНАТРЕШНОСТАСамсоненко, според договорот, треба делот Градска куќа да го изгради до карабина, а потоа да го предаде на Владата. - Пајтон поминува покрај Офицерскиот дом во изградба; Сергеј Самосоненко (Фото: СДК.МК/ФК Вардар)

    Офицерскиот дом на Плоштадот Македонија, кој го гради рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, ќе биде готов кон крајот на наредната година. Самсоненко во 2015 година ја презеде фирмата на грчкиот бизнисмен Димитри Кондoминас, против кого се води судски спор во Грција и кој требаше да го гради комплексот Офицерски дом.

    Самсоненко, според договорот, треба делот Градска куќа да го изгради до карабина, а потоа да го предаде на Владата.

    „Процентуално екстериерот е реализиран над 70 отсто од обемот на изведбата. Во склоп на комплекстот Офицерски дом покрај Градската куќа ќе има и хотел. За проектот Градската куќа деталите и ингеренциите се на Службата за општи и заеднички работи при Владата која има обврска да го уреди и изведе ентериерот. Наша обврска е Градската куќа да ја предадеме во карабинска состојба со сите термотехнички како и електро инсталации“, вели Ратко Капушевски, проект менаџер на Сергеј Самсоненко во Македонија и директор на фирмата „Сис инвест“ која сега го гради Офицерски дом.

    Од Службата за општи и заеднички работи на Владата ни изјавија дека во буџетот за наредната година ќе обезбедат пари за внатрешното уредување на Градската куќа.

    „Штом инвеститорот ни го предаде објектот, ние ќе продолжиме со нашите обврски за внатрешно уредување и опремување. Сите обвrски ќе си ги завршиме, ќе бидат предвидени пари наредната година за Офицерски дом“ вели Пеце Мирчевски, директорот на Службата за општи и заеднички работи.

    Во склоп на комплексот ќе работи хотелот „Мериот Кортијард“ кој ќе има бизнис центар и деловни простории за издавање под закуп. Вкупната инвестиција е над 45 милиони евра.

    Земјиштето каде сега се гради Офицерски дом во 2012 години Министерството за транспорт и врски го продаде на грчкиот бизнисмен Димитри Кондоминас, кој за него плати 630.000 евра. Во 2014 година Кондаминас беше приведен од грчката полиција поради вмешаност во скандалот тежок 500 милиони евра околу  државната „Хеленик Постбанк“. Во 2015 година фирмата на Кондоминас „ДЦ Прајм Пропертис“ ја презема Самсоненко и продолжува да го гради Офицерски дом.

    А.АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира