Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел испрати апел до македонската опозиција да не го блокира добриот почеток на новата влада и да не одбива конструктивна соработка со власта, соопшти германското МНР по денешната средба на Габриел со македонскиот колега Никола Димитров во Берлин. Како што велат од германското МНР, македонската влада направила импресивен почеток со поставувањето на своите приоритети по прашањата со соседите, амбициозните реформски проекти и со позитивните чекори.
„Сакам да испратам апел до актуелната опозиција да не го блокира овој добар почеток на новата Влада и да не одбива конструктивно да соработува со неа, бидејќи сето ова нема да биде на сметка само на европската перспектива на земјата, туку и на граѓаните во земјата, кои се надеваат на видлив напредок и на подобрување во нивните животи“, ја пренесе изјавата на Габриел германското МНР.
Габриел се огласи и преку официјалниот профил на германското МНР на Твитер: „Импресивен старт на новата влада во Македонија. Сега е клучно да се имплементираат реформите“.