Нема судир на интереси во тоа што фирмата Фероинвест, во која што вицепремиерот Кочо Анѓушев е еден од сопствениците, учествува на тендер на ЕЛЕМ вреден 2,6 милиони евра. Ова го кажа премиерот Зоран Заев, кој рече дека во случајов е важно да има разграничување на тоа кога има, а кога нема конфликт на интереси. Тој додаде дека во случајов вицепремиерот Анѓушев се откажал од управувањето со фирмата кога бил назначен за член на Владата.
„Драго ми е што медиумите ја водат оваа постапка и јавноста треба да знае за тоа. Но, дали тоа значи дека семејството Заеви што произведува ајвар, од нив не треба да набавува ниту една државна институција која има исхрана во заеднички мензи!? Фирмите во Македонија мора да работат, но важно е да се разграничи и да нема влијание при одлучувањето или во управување со фирмата, истовремено истото лице кое е во Владата. Како ќе привлечеме квалитетни луѓе од бизнис заедницата да помогнат во работата, ако од нив бараме да ги затворат фирмите и да ги отпуштат вработените“, изјави Заев за време на посетата на затворот „Идризово“.
Управителот на Фероинвест Ратко Ѓорѓиевски на денешната прес конференција изјави дека Фероинвест и во иднина ќе учествува на сите јавни огласи каде има деловен интерес и каде може да понуди свои производи,
Минатата недела медиумите реагираа дека фирмата на вицепремиерот Кочо Анѓушев го добила тендерот на ЕЛЕМ во вредност од 2,6 милиони евра. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара тендерот да се поништи.
Антикорупциската комисија, пак, излезе со став дека нема судир на интереси фирмата на вицепремиерот Анѓушев да учествува на тендер и да ги добие. Во меѓувреме, електронската аукција по јавниот оглас на ЕЛЕМ за набавка на гумени транспортни ленти за јаглен за РЕК Битола е поништена.
„Во однос на последниот тендер објавен од ЕЛЕМ од 27.02.2017 година, Фероинвест документите ги поднесе кај објавувачот на 13.04.2017 година. Од Бирото за јавни набавки спроведени се две електронски аукции и тоа на 03.07 и на 08.08.2017 година. Овие електронски аукции се поништени, а кога ќе биде новата електронска аукција се уште не сме известени. Не точно е дека последниот јавен повик го доби групацијата Фероинвест, туку во тек е тендерската постапка“, рече Ѓорѓиевски.
Тој објасни дека изминатите десет години Феринвест 6-7 пати учествувал на вакви тендери за транспортни ленти.
„Овие транспортни ленти ЕЛЕМ ги набавува за потребите на РЕК Битола, кои се користат при ископ на јаглен и транспорт до производствените капацитети. И до сега Фероинвест во конзорцуим со странски партнер на повеќе пати добиваше значителен дел од предвидените лотови. Најчесто добиваше само еден дел и за вакви транспортни ленти за кои е строго специјализиран и се работи за ленти со однапред дефиниран квалитет, за кои Феронвест, како во минатото, така и на последниот јавен повик понуди најниски цени. Последниот пат го добивме тендерот од 2014 година“, рече Ѓорѓиевски.
Тој одби да ги коментира изјавите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека во случајов не е се прекршени законите, но дека е неетички фирмата на вицепремиерот да добие тендер на ЕЛЕМ.
„Согласно Законот за спречување корупција сопственичката структура не е во незаконска консталација со управувањето со Фероинвест и неговото учество на тендери. Фероинвест не само сега, туку и во иднина ќе учествува на сите оние тендери каде има деловен интерес, бидејќи во групацијата се вработени 800 луѓе и имаме склучено договори не само во земјата, туку најголем дел во странство, и истите мора да се почитуваат до крај. Секоја алузија на содружничата структура на вицепремиерот ја сметам за злонамерна и излишна“, рече Ѓорѓиевски, кој додаде дека групацијата има тројца сопственици.
Тој рече дека вицепремерот Анѓушев од управувањето со Фероинвест и сите негови фирми се повлекол заклучно со 25 јуни и дека 93 отсто од производството и продажбата на групацијата Брако, која е дел од групацијата Фероинвест, е во странство.