Пратениците во британскиот парламент ноќеска изгласаа поддршка за законот за излегување на Велика Британија од Европската Унија, со што и овозможија на премиерката Тереза Меј да го забрза овој процес.
За законот гласаа 326 пратеници, а 290 беа против, на седницата што се одржа ноќта од понеделник на вторник.
Премиерката Меј го поздрави гласањето во парламентот.
„Оваа одлука значи дека имаме сигурни темели да продолжиме со преговорите. Парлементот донесе историска одлука да ја поддржи волјата на народот и ни даде сигурност во пресрет на нашето повлекување од Европската Унија“, изјави Меј.
Со оваа одлука, истовремено, беа блокирани обидите на лабуристите да се прекине со донесувањето на законите за раскрстување со ЕУ.