Повеќе од пола милион долари чини буџетот на руската претстава на режисерот Иван Поповски „Алиса зад огледалото“, која ќе се изведе викендов во Македонскиот народен театар (МНТ) на фестивалот „Иван се враќа дома“.
Московскиот театар „Мастерскаја на Пјотр Фоменко“ во Скопје дојде со три скапи и технички сложени претстави на реномираниот и наградуван македонски режисер кој живее во Русија. Покрај „Алиса“ од 2010, која е работена според два романи од Луис Керол, на 18 и 19 септември ќе игра „Отровната туника“ од Николај Гумиљов (од 2002), а на 22 и 23 е Шекспировата „Сон на летната ноќ“, премиерно изведена во 2015.
Почетокот на претставите е закажан за 20 часот, освен за „Алиса“, која ќе почне во 18 часот.
Поповски и директорот на „Фоменко“ Андреј Варабјов на денешниот прес говореа за нивниот омилен учител, за неговите принципи на работа, за љубовта кон театарот, истакнувајќи оти „Алиса“ е нивна најскапа продукција, што е несвојствено за неговата скромност.
„Иван е најдобриот ученик на нашиот реномиран учител и за нас беше исклучително важно да ги донесеме неговите претстави во неговата татковина“, рече Варабјов.
„Алиса зад огледалото“ за 7 години е изиграна 311 пати, наменета е деца над седум години и за возрасни, и се најавува како спектакл која изобилува со најразлични чуда и трансформации, со надреална сценографија со многу светлосни и визуелни ефекти.
„Отровната туника“ е наменета за публика над 16 години, а „Сонот на летната ноќ“ за над 12 години.
Од МНТ велат дека се продадени билетите за „Отровната туника“, а при крај се останатите две претстави.
В.д. директорот на МНТ, Драган Спасов – Дац , потенцираше дека новото правило во МНТ, вратите на театарот да се затворат во закажаниот термин, ќе стартува веќе од утре.
„Ако некој не е во можност да присуствува на претставата за која земал билети, истите ќе може да ги врати половина час пред почетокот на претставата и да му бидат вратени парите. Во спротивно, на гледачите кои задоцниле нема да им бидат вратени парите и истите нема да можат да влезат во театарот“, кажа Спасов.
Б. НЕСТОРОСКА