Брзата помош во Скопје нема доволно медицински кадар и работи со амортизирани возила, вели Злате Мехмедовиќ, новиот директор на Здравствен дом Скопје. Тој кажа дека состојбата во службата за Итна медицинска помош е многу лоша, бидејќи од 14 нови возила, кои Брза помош ги доби во 2012 година, во функција се само девет, но и тие се амортизирани.
Овие возила тогаш ги набави Министерството за здравство преку проектот на Владата за опремување на службите за итна медицинска помош во целата земја.
„Пет од овие 14 нови возила се комплетно амортизирани и не се во возна состојба. Останатите се исто така амортизирани, бидејќи се користат 24 часа на ден и секое од нив има изминато околу 180.000 километри“, вели д-р Мехмедовиќ.
Тој објасни дека во моментов во службата за Итна медицинска помош во Скопје располага со 53 медицински тимови, кои работат во пет смени, а во секоја смена има по 10 тима.
„За да може службата оптимално да работи и да ја пружи потребната здравствена заштита на граѓаните, за град како Скопје каде има 700.000 жители, потребно е да има 100 тима, но ние би биле задоволни и ако имаме 75 тима. Се надевам дека Владата и Министерството ќе одговорат на нашите барања“, вели Мехмедовиќ.
Тој кажа дека чекаат повратна информација од Државната комисија за спречување корупција дали може сега непосредно пред иборите да се вработи потребниот медицински кадар.
„На постоечкиот кадар потребни ни се уште 50 доктори и 50 медицински сестри, но би биле задоволни и со половина од тоа. Комисијата ќе каже кога ќе може да се реализираат вработувањата, а околу набавката на возила секако ќе ни треба помош од дрќавата, бидејќи едно такво возило чини 75.000 евра, а за да може да работиме како што треба потребни ни се најмалку 15-нови возила“, вели д-р Мехмедовиќ.