На сите вработени во градинките, воспитувачи и негователи ќе им биде зголемена платата за 2 отсто, соопшти синоќа Владата на Република Македонија.
Зголемување на платите стартува од овој месец. Платите кои ќе ги добијат вработените во градинките во октомври ќе бидат повисоки за два отсто од оние што досега ги земале.
Ова одлука беше усвоена на вчерашната владина седница, по предлог на Министерството за труд и социјална политика.
„На предлог на Министерството за труд и социјална политика Владата ја разгледа и ја усвои информацијата за зголемување на коефициентите на сложеност на работите во јавните установи за деца – детски градинки. Со оваа одлука, почнувајќи од септември 2017 година, платата која ќе биде исплатена во октомври 2017 година, ќе биде линерно зголемена за два отсто“, стои во соопштението од Владата.
Парите за покачувањето се обезбедени во буџетот за 2017 година.