Според статистичките проценки во Македонија има околу 20.000 луѓе болни од Алцхајмер, а дијагностицирани и лекувани се само околу десет проценти. Д-р Габриела Новотни, од Клиниката за неврологија, на одбележувањето на Светскиот ден на Алцхајмеровата болест 21 Септември рече дека покренале јавна кампања со која сакаат да ги потсетат граѓаните дека нивните блиски кои страдаат од оваа болест треба да ги однесат на лекар.
„Со оваа кампања сакаме да го зголемиме бројот на дијагностицирани пациенти, бидејќи навреме поставената дијагноза и навремениот третман може многу да го подобри квалитетот на животот и на пациентите и на семејството. Го одбравме мотото ‘сети се’, затоа што ние треба сите да се потсетуваме дека заборавањето не е дел од нормалното стареење, не е нормално нашите баби и дедовци да забораваат и дека треба навреме да ги донесат на лекар. Алцхајмеровата болест е тивка епидемија, која полека станува водечка причина за смртност во светот. Лекот делува ако навреме ја дијагностицираме“, рече Новотни.
Според д-р Новотни, ниската стапка на дијагностицирани пациенти е загрижувачка и тажна, бидејќи не страда само болниот, туку и целото семејство кое треба да обезбеди 24 часовна грижа за него.
„Оваа иницијатива е да ги донесат пациентите и да не ги чуваат дома или во старечки домови, оти со терапијата може да се влијае на квалитетот на животот и на пациентот и на семејството. Оваа болест не само што ја краде меморијата, сеќавањата, спомените, туку ги инволвира сите од семејството да водат 24 часовна грижа за пациентот. Се надевам дека ќе имаме Национална стратегија за справување со Алцхајмер, оти земјите од регионот тоа веќе го прават и надобар пат сме да почнеме со подготовка“, рече Новотни.
Министерот за здравство Арбен Таравари, кој и самиот е невролог, вели дека ја поддржува иницијативата на неговите колеги, бидејќи бројот на заболени од Алцхајмеровата болест и во светски рамки рапидно расте. Тој кажа дека во земјите од соседството, односно Хрватска и Србија, дури 50 отссто од заболените се дијагностицирани и примаат терапија, наспроти нашите 10 отсто.
„Хендикеп е за Македонија што нема специјални установи каде би се третирале такви пациенти, односно каде би се задржале. Ние им препишуваме терапија и тие се враќаат дома. Но, и во вакви услови правовремениот третман влијае на квалитетот на животот. За домови и специјални установи треба да се размислува долгорочно, оти нашата популација се повеќе старее“, рече Таравари.
Е. БОЧВАРОСКА