Битолскиот градоначалник Владимир Талески обвини дека сега е мода СДСМ преку Специјалното јавно обвинителство и Основното јавно обвинителство да поднесуваат кривични пријави за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, а случајот „Транспортер“ благодарение на многу шарлатанство, непрофесионализам и тенденциозност во новинарската фела доби голем публицитет. Вака тој одговори на нашето прашање како го коментира извештајот што битолската полиција го достави до ОЈО во кој тој, секретарот на општината и уште четворица други вработени, се сомничат во преметот „Транспортер 2“ за неосновано работење и злоупотреба на службената положба.
„Модата е таа, секој кој е постоечки градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и кандидатите за градоначалници, трендот е откако стигна режимот на СДСМ наречен живот, преку СЈО и преку ОЈО да се пуштаат кривични пријави. Не знам дали некој од постоечките градоначалници е промашен со кривична пријава. Тоа е тренд, тоа е мода. Битола е по модата, па и кривичните пријави на СЈО почнаа од Битола. Благодарение на многу шарлатанство, непрофесионализам, тенденциозност во вашата фела, тој настан доби голем публицитет. Ние откако ќе се заврши ќе го објавиме до крај. Нашата работа е чесна во сите предмети“, рече Талески, одговарајќи на новинарско прашање од САКАМДАКАЖАМ.МК.
Според најновиот полицискиот извештај, тој и соработниците се товарат дека со преземените дејствија и причиниле материјална штета на општината од 4,3 милиони денари. Осомничени дека не ја поништиле постапката за избор на најповален понудувач за школски превоз на учениците во 2015 и 2016 година иако констатирале дека понудените цени за превоз биле многу повисоки од реалните, дури и по 3168 денари на ученик од ден. Ги склучиле договорите и им овозможиле на двајца превозници да се стекнат со поголема материјална корист.
Но, Талески вели дека не се работи за никакви злоупотреби, туку дека преку групната јавна набавка ги намалиле цените за транспортот.
„Во постапката нема ништо страшно. Се работи за групна јавна набавка, која беше значајна и важна и ја прифативме за да им помогнеме на училиштата, а посебно на оние кои се блокирани и немаа услови да направат тендер, ги прифативме со цел да добијат пониски цени за превозот. На пример, ако гимназијата има 5 дена од Ресен, медицинско 6 , техничко 7, секое училиште според законот треба да си направи јавна набавка. Тоа значи дека секое училиште треба да пушти по еден автобус за неколку деца. Групната јавна набавка подразбира да ги обединиме сите училишта и тие 27 деца од Ресен во Битола да дојдат со еден автобус. Сакавме да им помогнеме на училиштата и да заштедиме, да се спушти цената зашто вози едно возило“, вели Талески.
Тој додава дека се невини и дека тоа ќе го докажат преку судските постапки, а потоа некој ќе одговара за покренатите случаи против нив. СЈО против него , секретарот на општината и директори на училишта веќе има поднесено и обвинение за случајот „Транспортер“ за злоупотреби во периодот од 2012 до 2014 година кога организирале школски превоз по повисоки цени од реалните. Во овој случај тие се товарат за 360 000 евра. Талески запрашан кога ќе започне судскиот процес за овој случај ни одговори „таа постапка е во тек, а сугестијата од адвокатите е да не даваме јавни изјави за тоа до каде е“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА