Членовите на Општинската изборна комисија во Старо Нагоричане, сами ги финасираат подготовките за локалните избори, бидејќи државата и општината досега не дале ни денар за нивната работа. Членови на комисијата велат дека даваат пари од свој џеб за да ги покријат секојдневните трошоци и навреме да ги завршат законски обврски пред локалните избори.
Само еден ден пред официјалниот почеток на изборната кампања и 20 дена пред изборите на сметка на комисијата не е уплатен ни денар од надлежните институции. Општината Старо Нагоричане е со блокирана сметка, а ДИК преку Министерството за финасии не обезбедила пари за непречена работа на комисијата.
„ОИК нема добиено скршен денар досега. Работиме и го користиме она што ни остана од претходните избори. Немаме канцелариски материјал, ни гориво да ги посетиме избирачките места, а не за други потреби. Даваме свои пари и ги собираме фискалните сметки, ќе видиме дали ќе ни платат или ќе остане трошокот на наш грб. Повеќето од членовите патуваат од Куманово со непокриени трошоци. Си ги завршивме сите обврски навреме и ги изготвивме решенијата, но доколку не се реши проблемот во наредните неколку дена, комплетно ќе си поднесеме оставка“, се закануваат членови од комисијата.
Револтирана од ваквиот однос, комисијата одлучила привремено да ги прекине сите активности и да ја натера ДИК да најде пари за нивната работа. Денеска не ја организирале церемонијата за потпишување на Кодексот за фер и демократски избори на кандидатите за градоначалник, а претставници од ОИК Старо Нагоричене вчера не дошле ни на регионалниот состанок во Куманово, каде се вршел дополнителен избор на членови на избирачки одбори.
По информациите дека поради финсиски проблеми комисијата ја прекинала работата се обидовме да добиеме став од претседателот Драган Јовановски, но тој не се јавуваше на службениот телефон.
Портпаролката на ДИК Љупка Гугучевска, вели дека од нас слуша дека комисијата во Старо Нагоричане не работи. Знае дека има финасиски проблеми, но ДИК била известена дека потпишувањето на Кодексот ќе се изврши утре, поради тоа што дел од кандидатите за градоначалник денеска биле зафатени.
Дека немало церемонија за потпишување на Кодексот ни потврдија и дел од кандидатите.
„Никој не ни се јави досега, ниту не повика да го потпишеме кодексот. Немам точни информации што се случува, но слушам дека има проблеми во Општинската изборна комисија“, изјави кандидатот за градоначалник на СДСМ Жаклина Јовановска.
Во општина Старо Нагоричане има тројца кандидати за градоначалник, од кои две жени. Зоран Заев уште на централен одбор за кандидат на СДСМ ја промовираше Жаклина Јовановска, а ВМРО-ДПМНЕ застана зад предлогот на коалициониот партнер ДПСМ за Елена Јаќимовиќ.
С. НИКОЛИЌ