Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски му скратил на поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски од апанажата за јуни, јули и август вкупно 20.148 денари, за колку што го пречекорил лимитот на службениот мобилен телефон во мај и во април, пред да ја напушти функцијата.
Истото им го сторил и на останатите ексминистри без ресор, во владите на Никола Груевски и на Емил Димитриев: Горан Мицковски, Џери Наумоф, Веле Самак и Бил Павлески. Од апанажата за јули Рашковски му скратил 8.926 денари и на поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, кој го пречекорил ограничувањето на сметката на службениот телефон за оваа сума.
Рекордер во надминување на лимитот на службениот мобилен, за овие два месеца бил ексминистерот Џери Наумоф, кој според извештаите за направените сметки ја пречекорил дозволената сметка за 259.580 денари.
„Наумоф два месеца не зеде апанажа, зашто морав да му одбијам за јули и за август по 51.916 денари за пречекорена телефонска сметка. Бидејќи остануваат за одбивање уште 155.748 денари, што е околу три наредни цели апанажи (за септември, октомври и ноември), Наумоф се откажа од апанажата“, вели Рашковски за САКАМДАКАЖАМ.МК .
И Бил Павлески два месеца немал земено апанажа, но неговиот долг бил расчистен. За септември, ќе го земе целиот износ. Но, Рашковски вели дека Пешевски, Мицковски, Наумоф, Самак и Павлески за пречекорен лимит на службените телефони ѝ должат на државата 300.000 евра од претходно направени телефонски разговори.
„Поднесов пријава до Министерството за внатрешни работи против овие петмина поранешни министри без ресор. Сумата е голема, треба и неа да ја вратат во буџетот. МВР го истражува случајот“, ги бара Рашковски парите назад.
С. К. ДЕЛЕВСКА