Дел од граѓаните неделава добија евтина струја и преку ден од 14 до 16 часот.
Екипите на ЕВН Македонија од понеделникот почнаа со прилагодување на броилата. До утре ќе бидат прилагодени броилата на домаќинствата од четвртата група односно оние што се отчитуваат од 25 до 29 во месецот и тие се првите домаќинства кои можат да ја користат евтината дневна струја.
Како што велат од ЕВН, воведувањето на евтината струја оди етапно, односно до 24 октомври сите корисници ќе може да користат дневна евтина тарифа.
„Корисниците се однапред информирани преку сметката за електрична енергија во кој период ќе им биде адаптирано броилото согласно планот на отчитувачки групи. Утре завршуваме со четвртата група, односно овие корисници први ќе добијат евтина тарифа. Од 2 до 6 октомври ќе се прилагодуваат броилата во првата група, од 9 до 16 на втората група и на крај од 17 до 24 октомври на оние граѓани чии боила се прилагодуваат во третата група“, велат од ЕВН.
Од ЕВН соопштија дека прилагодувањето на секое поединечно броило е мануелно, за што е потребно физички контакт со секое броило од страна на екипите, во времетраење од 45 секунди до една минута во зависност од типот на броило.
„На дисплејот на броилото на кое е прилагодена евтината дневна тарифа, во периодот од 14 до 16 часот од понеделник до сабота ќе биде активен индикаторот за тарифа Т2“, додаваат од компанијата.
Вкупно 800.000 броила низ територијата на цела држава ќе бидат прилагодени на новата дневна евтина тарифа согласно одлуката на Владата и Регулаторната комисија за енергетика. Покрај стандардната ноќна евтина тарифа од 22 до 7 часот и целодневната евтина тарифа во недела, корисниците ќе добијат и дневна евтина тарифа во периодот од 14 до 16 часот секој работен ден и во сабота.
А. АНТЕВСКА