Претседателот Ѓорге Иванов по локалните избори ќе му предложи на Собранието двајца нови уставни судии на местата на Наташа Габер-Дамјановска и на Гзиме Старова, чиј деветгодишен мандат истекува в сабота, објави „Мета“.
„Претседателот на Република Македонија ќе достави предлог до Собранието на Република Македонија по завршувањето на локалните избори“, се вели во кусиот одговор од кабинетот на Иванов на прашањето на „Мета“ дали досега е разговарано на оваа тема и дали претседателот на Република Македонија има предложено кандидати.
Тоа значи дека уште најмалку еден месец, Уставниот суд ќе работи во скратен состав, со шест од вкупно девет судии, бидејќи Собранието сè уште не именувало судија на местото на Исмаил Дарлишта, чиј мандат истече уште на 31 јули оваа година.
Според член 84 од Уставот, претседателот предлага двајца членови на Уставниот суд. Габер-Дамјановска и Старова беа избрани на 7 октомври 2008 година, на предлог на тогашниот претседател на државата, Бранко Црвенковски, по неколку месеци одложување бидејќи опозицијата ја бојкотираше работата на Собранието.
Минималниот број на судии со кои може да функционира Уставниот суд е шест, но во таков случај проблем е обезбедувањето мнозинство за донесување одлуки. Членовите на Уставниот суд, Собранието ги избира на пленарна седница со 61 глас, а доколку е предложен кандидат Албанец, тогаш се гласа и со Бандентерово мнозинство.