Со АКМИС – системот за распределба на судски предмети, случајот „Триста“ на СЈО вчера беше по електронски пат распореден кај судијката Лидија Петровска од одделот за организиран криминал во Основниот суд Скопје 1, која претходно доби уште два случаи на истото обвинителство, „Тврдина 2“ и „Транспортер“. Математички, шансите АКМИС – системот по случаен избор да распредели кај ист судија три случаи по ред е 0,2%. За илустрација, два и пол пати поголеми се шансите да фрлате коцка и три пати по ред да ви се падне ист број, отколку предмет на СЈО три пати по ред да се падне кај ист судија.
Првиот случај, „Тврдина 2“, на Петровска ѝ се падна на 20 септември минатата година, кога истовремено, случајот на СЈО „Насилство во Општина Центар“ се падна кај нејзината колешка од одделот за организиран криминал Татјана Михајлова. На 20 јуни годинава, на Петровска ѝ се падна и случајот на СЈО „Транспортер“. Останатите 16 случаи на СЈО се уште се во фаза на оценка на обвинителниот акт.
САКАМДАКАЖАМ.МК ја праша судијката Лидија Петровска како се чувствува што од четири предмети на СЈО за судење, три со електронска распределба се паднаа кај неа, а има осум судии во одделот за организиран криминал во Основниот суд Скопје 1.
„Јас не ја правам распределбата на судските предмети за да знам колкава е веројатноста од четири судски предмети на Специјалното јавно обвинителство, три да се паднат кај мене”, ни одговори судијката.
Во случајот „Тврдина 2“, првообвинет е ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујевски за кривичното дело „Фалсификување на службена исправа“. Во „Транспортер“, првообвинет е битолскиот градоначалник Владимир Талески за кривичното дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и во „Триста“, единствен обвинет е поранешниот помошник министер во Министерството за внатрешни работи Ѓоко Поповски, исто така, за кривичното дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“.
- НЕКА ПРОВЕРАТ, ПРЕД МЕНЕ РАЧНО ГИ МЕСТЕЛЕ СУДСКИТЕ ПРЕДМЕТИ, ОДГОВОРИ ВАНГЕЛОВСКИ НА ОБВИНУВАЊАТА НА МИНИСТЕРОТ САЉИЈИ
- КАРАЏОВСКИ ГИ ИГНОРИРАЛ ПРИГОВОРИТЕ ЗА РАЧНО МЕСТЕЊЕ ПРЕДМЕТИ КАЈ ПОДОБНИ СУДИИ
На 21 септември годинава, претседателот на Врховниот суд јово Вангеловски обвини дека злоупотреби со автоматизираниот систем за управување со судски предмети (АКМИС) не вршел тој, туку првите луѓе на двата најважни суда во Македонија, експретседателка на Врховниот и поранешен претседател на Основниот суд Скопје 1, откако министерот за правда Биљен Салији го прозва дека само тој не дал позитивен одговор за контролата на системот.
„Ќе му дадеме целосна поддршка на експертскиот тим. И јас се согласувам дека мора да се направи контрола на системот дали имало злоупотреби. Јас лично потенцирав и на средбата со Прибе му кажав, дека мора да се провери дали прераспределбата била електронска и претходно. Имам информации дека еден претседател на кривичен суд и една претседателка на врховен правеле рачна прераспределба на судиите“, кажа тогаш Вангеловски.
Два дена подоцна, претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски Караџовски негираше дека до него и воопшто во Судскиот совет, судии поднесувале приговори за злоупотреби со електронскиот систем за распределба.
М. ИЛИОСКИ