„Нашата приказна порачува дека не се сите балкански земји за во ист кош. Ние пораснавме со убави вредности, со филмови кои и тоа како беа релеванантни на светско ниво“, велат српските актери Сања Митровиќ и Владимир Алексиќ за нивната претстава „Не се срамам од моето комунистичко минато“, со која се затвори 42. Млад отворен театар (МОТ). Претставата е белгиска продукција, во режија на Митровиќ, која живее во Брисел.
Во претставата се користат снимки од ексјугословенските филмови како „Денови“ на Александар Петровиќ, „Ужичка република“ на Љубомир Радичевиќ, „Сутјеска“ на Стипе Делиќ, „Валтер го брани Сараево“ на Хајрудин Крвавец.
Сања вели дека со Владимир се другари од детство, кои се разделиле на почетокот на 1990-те, а во 2014 повторно се сретнале.
„Присетувајќи се на спомените, сфативме дека делиме заедничка љубов кон југословенскиот филм и така посакавме да направиме претстава на таа тема, за моето заминување во странство, и враќањето на Владимир во Белград, за земјата која се распадна“, вели таа.
Насловот е провокативен, и додека кај повозрасната генерација предизвикува носталгични чувства, кај младите љубопитност. Околу пораката која сакале да ја пренесат, Сања вели дека тргнале од потребата да ја споделат таа идеја на колективен дух во која пораснале.
„Ние бевме деца во таа Југославија, и затоа можеме да зборуваме за вредностите со кои пораснавме, за разлика од денешната младина во Србија која го нема тоа искуство.
Кога разговараме со нашите родители, тие се присетуваат со доза на носталгија, но мислам дека се носталгични по сигурноста во која живееле“, додава таа.
Од досегашните изведби во Швајцарија, Франција, Германија и Србија, публиката многу плачела во Белград, што е и очекувано, велат актерите, бидејќи тие го преживеаја тоа.
Претставата комуницира и во двата концепти на различни начини, но може да се рече, велат тие, дека публиката на Запад ги гледа филмовите не со големи емоции, туку повеќе како поистоветување со филмски правци, како на пример со филм ноар. Критичарите велат дека оваа претстава е омаж на југословенската кинематографија, дека има политика но не е политички памфлет. Митровиќ вели дека тоа им успева бидејќи им е важно помалку да зборуваат за политика, и во убаво светло да ја претстават ексју кинематографијата
„Живеејќи на Запад, многупати сум ставена во категорија на луѓе кои доаѓаат од воена земја, а никој не знае дека ние ги имаме тие филмови кои за нас се вистински дијаманти. Многумина после претстава ни имаат речено дека ги откриле овие филмови и посакуваат да ги изгледаат целосно. Тоа е за нас фантастичен прием, бидејќи промовираме други вредности на таа земја и даваме друга слика од онаа која се очекува од нас. Иако ние говориме за нашиот град Зрењанин, тој Зрењанин е симбол за сите други градови индустриски во екс Југославија. Претставата, едноставно, буди љубов кон земјата во која си пораснал“, вели Алексиќ.
Б. НЕСТОРОСКА