Претседателот на Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ Спиро Ристовски најави дека партијата ќе организира народни стражи, кои, како што тој ги нарече, ќе бидат гарант на демократијата и граѓанската волја.
„Во отсуство на реакција од страна на државните институции ние како партија ќе се саморганизираме со народни стражи – гарант на демократијата и граѓанската волја. Тимови од ВМРО-ДПМНЕ се на терен и сите нарушувања и прекршувања на изборниот процес ќе ги документираат“, изјави Спиро Ристовски на денешната прес-конференција.
Тој ја обвини власта дека за време на изборната кампања се случиле сериозни нарушувања и опструкции на изборниот процес, „фрлајќи темна дамка на демократскиот амбиент кој е важен за спроведување на изборите“.
Во недела ќе се одржи првиот круг од локалните избори.