Примабалерината во пензија и кореографка Јагода Сланева почина денеска на 68 години, соопшти Македонската опера и балет (МОБ). Сланева работеше во Балетот на МОБ од 1968 до пензионирањето во 1993. Во април, Сланева ја доби наградата Менада за врвни достигнувања во балетската уметност од скопскиот фестивал Танц Фест 2017.
Комеморација по повод смртта на Јагода Сланева ќе се одржи на 19 октомври во МОБ, во 11 часот, посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта Бутел, од 13:30- 14:30 часот, а погребот ќе се изврши во 14:30 часот.
Сланева е дел од првата генерација ученици на Балетот при Македонскиот народен театар која го завршува Средното балетско училиште во Скопје во класата на Јуриј Мјачин, професор-гостин од Санкт Петербург. Ја почна кариерата во 1968 со изведба на „Па де де“ од балетот „Оревокршачка“ на музика на П. И. Чајковски, а ја завршува во 1992 со улогата на Марија во балетот „Бахчисарајска фонтана“.Во својата извонредно богата кариера, Јагода Сланева играше главни улоги во најзначајните балети од железениот репертор на класичната балетска уметност, како Жизел во балетот „Жизел”, Китри во „Дон Кихот” , Јулија во „Ромео и Јулија” , Кармен во „Кармен”, насловните улоги во балетите: „Легенда за љубовта“, „Ѓаволеста девојка”, „Мирандолина”, „Лабин и Дојрана”, „Песна над Песните”, како и други модерни балети.
Како примабалерина на македонскиот балет таа гостува на различни сцени во Франција, Германија, Полска, Романија, Канада, Словенија, Србија, Хрватска и други земји.
Сланева работеше и како педагог-репетитор во МНТ во 2006, а како кореографка соработува на повеќе детски претстави во театрите во Скопје, во театарските претстави во повеќе театарски куќи во Македонија, како и на повеќе проекти во независна продукција.
Сланева работеше и како кореограф на ТВ серијата „Аплаузи” и проектот „Сенки во ноќта” од Бодан Арсовски во Македонската Телевизија.