Курдските и арапските милиции, поддржани од САД, целосно ја ослободија Рака, која важеше за главен град на Исламска држава, објави Сириската опсерваторија за човекови права (СОХР), што се смета за голем удар за оваа терористичка организација.
Портпаролот на Сириските демократски сили (СДФ), Талал Село, изјави дека борбите се завршени по четиримесечната офанзива. Тој додаде дека преостанува градот да се исчисти од мини и евентуални снајперисти и џихадистички ќелии.
Ова доаѓа само неколку часа откако СДФ објави дека ги зазеле стадионот и главната болница во градот.
Агенцијата Ројтерс пренесува дека победата се прославува низ градот.
Околу 300 борци на ИСИС ги држеа последните позиции во градот од неделата. Според податоците на СОХР, 3.250 луѓе загинале во борбите за Рака, од кои 1.130 се цивили.
„Сѐ завршено во Рака. Нашите сили целосно ја презедоа контролата во градот. Воените операции се готови“, изјави Село.
Исламска држава влезе во Рака во 2014 година и ја направи средиште на својот калифат. Оттогаш, таа стана дом на илјадници џихадисти од целиот свет, кои се одзваа на повикот на лидерот на ИС, Абу Бакр ал-Багдади, чија судбина е непозната.