Пензионерот Борис Трајков (76), поранешен новинар во македонската редакција на австралиското државно радио за националностите „Си-би-ес“, заврши на суд и мора да враќа околу милион австралиски долари, под обвинение дека проневерувал пари, објави агенцијата Мета, повикувајќи се на австралиската државна телевизија „Еј-би-си“.
Трајков, кој во 1991 година го добил одликувањето Редот на Австралија за неговата работа за македонската заедница во Австралија, според наводите, потрошил 300.000 долари на алкохол, долна облека и на други потреби. Парите му биле давани за добротворни цели или како надомест за грижа за децата во детска градинка што ја раководел.
Борис Трајков е еден од основачите на Викториската мултиетничка славјанска добротворна асоцијација која им помагала на остарените мигранти од просторите на поранешна Југославија. Асоцијацијата раководела и детска градинка во мелбурнското предградие Лелор. Родителите му плаќале месечен надомест на Трајков во кеш.
Во Обласниот суд каде се одвива процесот за стечајната постапка, биле изнесени и тврдењата дека од 2013 до 2016 година Трајков примил 1,5 милиони долари во готово од родителите на згрижените деца, а на банковата сметка на асоцијацијата во тој период биле уплатени само 56.000 долари.
Било утврдено дека со парите од асоцијација поранешниот новинар на македонската редакција на „Си-би-ес“ купувал цигари и алкохол. Во исто време, вработените во градинката не добивале плата.
Во трите години за кои се врши истрага, Трајков купил алкохол вреден 44.890 долари за ресторанот на неговата ќерка во населбата Престон.
Во истиот период потрошил повеќе од 150.000 долари од фондовите на асоцијацијата за дизајнерска облека, долна облека и за накит, а потрошил 45.000 долари за летови меѓу Мелбурн и Сиднеј и за хотелско сметување. Трајков исто така префрлил 190.000 долари на сметката на неговата сопруга Слободанка.
Поранешниот новинар пред судот тврдел дека подоцна од свој џеб ги покрил сите трошоци за неговите приватни потреби.