Лидерот на британските неонацисти се повлече од организацијата Национален фронт и се откажа од своите десничарски убедувања, откако јавно обелодени дека е геј и дека има еврејско потекло.
Кевин Вилшоу беше на високи позиции во Националниот фронт од 80-те години и сѐ до неодамна држеше говори на настани на екстремната десница.
Тој сега целосно се откажа од своето насилно минато, што вклучува тепачки, вандализирање џамија и апсења за говор на омраза.
„На училиште немав многу пријатели и затоа имав потреба од некакво сојузништво“, вели Вилшоу.
По референдумот за излегување од Европска Унија, насилствата на база на омраза се зголемиле за една третина во Велика Британија. И самиот Вилшоу станал цел на малтретирање, откако во организацијата почувствувале дека е хомосексуалец.
„Тоа е ужасно. Сум гледал што им прават на други на улица, но сѐ додека нешто не почувствуваш на своја кожа, не сфаќаш дека тоа е погрешно“, призна Вилшоу, додавајќи дека неговата мајка е делумно Еврејка.