Грчката полиција била принудена да употреби палки за да спречи попови, монаси и верници во обидот насилно да влезат во театар и да прекинат претстава, што тие ја сметале за богохулна.
Мавтајќи со грчки знамиња, маса од стотина луѓе се обидела да го пробие полицискиот кордон пред театарот „Аристотелеион“ во Солун. Додека извикуваа „масоните надвор од Грција“, тие покажуваа кон театарот со верски пораки и икони.
Тие протестираа против одигрувањето на претставата „Часот на ѓаволот“, адаптација на приказната на португалскиот автор Фернандо Пешоа, во којашто млада девојка дискутира со ѓавол со човечки лик.
Актерката Евгенија Самара беше шокирана и изненадена од протестот, исто како и режисерот Григорис Апостолопулос.
„Ова е симболична драма за доброто и злото во сите луѓе“, изјави Апостолопулос.