ГРАЃАНИТЕ ГО ПОТВРДИЈА КУРСОТ ШТО ВОДИ КОН ЕВРОАТЛАНСКА ИНТЕГРАЦИЈА, РЕЧЕ ГЕРМАНСКИОТ АМБАСАДОР ГЕРБЕРИХ

    ГРАЃАНИТЕ ГО ПОТВРДИЈА КУРСОТ ШТО ВОДИ КОН ЕВРОАТЛАНСКА ИНТЕГРАЦИЈА, РЕЧЕ ГЕРМАНСКИОТ АМБАСАДОР ГЕРБЕРИХГерманскиот амбасадор Томас Герберих (во средината) во Битола ја промовираше монографијата за дваесетгодишното постоење на Здружението за македонско-германско пријателство и соработка (Фото: Ж. Здравковска)

    Германскиот амбасадор Томас Герберих рече дека локалните избори во Македонија го ослободија патот за реформи значајни за евроинтеграцијата на земјата.

    „Се радуваме што граѓаните го потврдија оној курс којшто сега се води и ослободен е патот кој продолжува за спроведување на понатамошните реформи што се многу значајни за евроатланската интеграција на земјата. На Владата ѝ посакувам многу успех и се разбира дека ќе добијат и понатаму поддршка од Германија“, изјави Герберих денеска во Битола.

    Амбасадорот рече дека два месеца е во Македонија, а поради срдечниот однос на народот со неговата сопруга се чувствуваат како од секогаш да живееле тука. Тој во Битола присуствуваше на промоцијата на монографијата за дваесетгодишното постоење на Здружението за македонско-германско пријателство и соработка.

    Тројцата автори на монографијата проф. Петар Рау (лево), Валентина Илиевска и проф. Златко Жоглев (Фото: СДК.МК)

    „Во монографијата се претставени голем дел од нашите манифестации, двојазично на македонски и германски јазик. Здружението од Битола е формирано 1996 година и веќе 20 години има над 220 активности и преку нашите културни манифестации, организирајќи изложби, предавања, концерти, гостувања, театарски претстави, воспостави еден непосреден контакт со Германија и германско јазичните земј“,- рече Валентина Илиевска, претседател на Здружението и почесен конзул на Австрија во Македонија.

    Автори на монографијата се Илиевска, професорот по германска книжевност Петар Рау од Геманија, кој одлично зборува македонски јазик, и професорот од Битолскиот универизтет Златко Жоглев.

    Професорот Рау, кој низ годините предаваше гемански јазик на Битолскиот универизитет, за градот ја напиша песната „Ода за Битола“. Таа е врамена се чува во битолскиот Совет, а изработена е и аудио верзија во изведба на оперската пејачка Марина Коруновска.

    „Предноста на Битола што ја забележува човек кој доаѓа од странство е дека овде се оживува уште старата Македонија, тука ја има уште стара архитекура, природа. Тука секогаш ми беше моето најубаво место за мојата работа. Јас сум предавал на Педагошниот факултет во Битола, бев професор на германистика, учествував во јазичните курсеви и програми“, рече Рау.

    За неговата „Ода за Битола“ поранешниот ректор на Битолскиот универзитет Златко Жоглев, а коавтор на монографијата, рече претставува траен спомник за Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира