„За тело и душа“ на унгарската авторка Илдико Енједи го отвори синоќа 58. издание на Солунскиот филмски фестивал, најголемиот фестивал во регионот чија главна селекција за награди е од дебија или втори филмови на авторите.
Солун годинава има и иновација за првпат на Балканот: нова селекција од 10 филма во виртуелна реалност, што ќе играат во новото соодветно кино во центарот на градот. За победникот на оваа селекција ќе има и награда од 3.000 евра, а програмата ќе продолжи и на пролет, на Солунскиот фестивал на документарци.
Годинава во Солун има и филм од македонски автор, „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески, кој е македонско-грчка копродукција, и на 9 ноември ќе ја има меѓународната премиера во популарната селекција Балкански преглед.
Во конкуренцијата за Златен Александар се 14 филмови, а уште 7 дебија или втори филмови играат вон конкуренција. Канскиот победник, шведскиот автор Рубен Ослунд ќе биде еден од гостите со ретроспектива и ќе има мастерклас, а во Солун ќе дојдат и оскаровецот Александер Пејн чиј „Намалување“ ја отвори Венеција и Жан-Марк Бар, со „Човекот делфин“ и „Пченица“.
М. КОСТОВА