ГРУЈЕВСКИ ДОБИ ЕДНА И ПОЛ ГОДИНА ЗАТВОР ЗА ПАЛЕЊЕ ДОКАЗИ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТО

    ГРУЈЕВСКИ ДОБИ ЕДНА И ПОЛ ГОДИНА ЗАТВОР ЗА ПАЛЕЊЕ ДОКАЗИ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТОГрујевски, заедно со колегата од УБК Никола Бошкоски, е во екстрадициски притвор во Солун. - Специјалните обвинители Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов; Горан Грујевски

    Поранешниот началник на Петтата управа во МВР, избеганиот Горан Грујевски, доби една и пол година затвор за незаконското палење илјадници списи, докази за прислушување, одлучи денеска Основниот суд Скопје 1. На Грујевски, кој се наоѓа во екстрадициски притвор во Солун, му се судеше во отсуство. Ова е првиот обвинителен предлог на Специјалното јавно обвинителство и тој по над една година развлекување, заврши. Останатите шест обвинети, вработени во УБК, добија условни казни за кривичното дело Фалсификување на службена исправа.

    На завршните зборови на судењето во понеделникот, специјалната обвинителка Ленче Ристоска побара најригорозна затворска казна за избеганиот Грујевски и од судот побара при изрекување на казната да не го зема предвид како олеснување тоа што тој е татко на две деца, туку тоа дека со бегството, децата и семејството ги оставил на цедило, без извор на егзистенција.

    За шесте обвинети жени од УБК, кои по наредба на Грујевски ги запалиле архивските материјали, место да ја одбијат наредбата, Ристоска во понеделниот побара алтернативни, односно условни затворски казни. Таа по име, за секоја од шесте обвинети, кажа дека имале беспрекорно однесување во Управата и оти немале дамка во работењето и оти дел од нив се самохрани мајки.

    Ристоска тогаш кажа дека мотив на Грујевски, како наредбодавач за ништењето на илјадниците документи од УБК, е да се сокријат трагите кој и како прислушувал стотици граѓани во Македонија и да се отежни истрагата за масовното кршење на човековите слободи и права од страна на Петтата управа во МВР, односно од УБК. Таа му укажа на судот дека палењето на документите во Петровец, близу Скопје, се случувало истовремено со уништување на системите за следење во МВР, за што исто така е обвинет Грујевски во предметот „Тврдина”.

    Грујевски, заедно со колегата од УБК Никола Бошкоски, е во екстрадициски притвор во Солун и на први декември го чека судење за поседување лажни патни исправи. Тие два пати беа изведени пред Судот во Солун поради поседување лажни патни исправи. Двајцата беа фатени на Солунскиот аеродром на 18 октомври кога со лажни бугарски пасоши сакале да се качат во авион за Будимпешта. Во тек е постапка за нивно екстрадирање.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира