Секое возило ќе добие еко налепница со соодветна боја според тоа колку го загадува воздухот и по потреба ќе се исклучува од сообраќај. Ова денес го најави градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, по средбата со градоначалниците од скопските општини, министерот за животна средина Садула Дураки и постојниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон на која што се разговараше какви мерки да се преземат за намалување на аерозагадувањето во градот.
Тој кажа дека Градот Скопје заедно со Министерството за внатрешни работи подготвуваат законски измени со кои што при технички преглед на возилата, да се мери количеството и составот на издувните гасови што ги испуштаат и врз основа на тој параметар да добијат соодветна еколошка налепница во зависност колку учествуваат во загадување на воздухот. Според Шилегов, тоа нема да предизвика дополнителни финансиски трошоци кај граѓаните, бидејќи секоја година и без тоа возилата мора да ги однесат на технички преглед.
„На технички преглед се оди секоја година, и сега некаде се мери количината на издувни гасови, а некаде не. Со ова сакаме тоа да биде задолжително и врз основа на тоа возилото да се категоризира и да се мапира. Исто така, идејата е да се мапираат возилата во целата држава. Да добијат соодветна еко налепница, која ќе има соодветна боја, за да можам како градоначалник административно да забранам движење во одреден период на оние возила што најмногу загадуваат, на пример оние со црвена налепница. Правиме анализа на категоризација на возилата според издувните гасови согласно правилата на Европската комисија“, рече Шилегов.
Тој кажа дека очекува до крајот на оваа година да се донесат потребните законски измени, а до крајот на наредната година да бидат мапирани и обележани сите возила.
Шилегов рече дека воведување сообраќајна мерка пар-непар е неправична, бидејќи има многу нови коли кои помалку загадуваат и многу стари возила, кои повеќе го загадуваат воздухот.
Е. БОЧВАРОСКА