Од понеделник, во Собранието ќе продолжи прекинатата расправа за законот за јазиците. Претседателот на Собранието Талат Џафери очекува овие измени да бидат донесени до идниот петок и да се затвори ова прашање.
Џафери очекува и предлог реконструкција на Владата од страна на премиерот Зоран Заев, односно именување на нови министри на местото на оние кои беа избрани за градоначалници, а на истата седница треба да биде избран и новиот Јавен обвинител.
Џафери на денешниот брифинг најави и прва седница на пратенички прашања за новата Влада, кои поради блокадата на изборот на нова влада и почетокот на изборната кампања за локалните, немаше време да се закажат.
Интересна новина ќе биде тоа што за првпат, предлозите за закони кои доаѓаат од министерствата, уште додека се во драфт верзија и не се станати официјални, ќе им бидат дадени на пратениците на опозицијата.
Целта е парламентарната опозиција да се запознае што се подготвува од страна на Владата, да е информирана и да може да се подготви за квалитетен дијалог и дебата во Собранието, рече Џафери.
Тој потврди и дека се подготвуваат измени на собранискиот деловник, во насока, како што рече, да се прецизира рокот за формирање на конститутивната седница на Собранието, која овојпат се развлече пет месеци. Натаму, рече Џафери, ќе се прецизира дали може една партија да има повеќе расцепкани пратенички групи со исто име, дали тоа ќе биде коалиција од вакви групи и ќе брои онолку пратеници колку што си освоила партијата која сака во Собранието да формира повеќе пратенички групи или некоја трета варијанта.
С. К. ДЕЛЕВСКА