Земјите од Западен Балкан начелно потфрлуваат кога станува збор за законодавен надзор и контрола на јавните расходи и финансиската отчетност. Тоа е констатирано во последниот извештај за периодот 2006 до 2016 година, кој што беше презентиран на денешната регионалната конференција на мрежата на парламентарни комисии за економија, финансии и евроинтеграција на Западен Балкан, поддржана од Вестминстер фондацијата за демократија и Светска банка.
Во извештајот, во делот за Македонија од 2007 до 2015 година, се наведува дека легислативата и нејзиното спроведување биле во најлоша состојба и добиваат најлоши оценки.
Причина за ваквото опаѓање на оценката е бојкотот на опозиција поради нарушувањето на буџетскиот процес од 2012 до 2014 година, немањето законска обврска Собранието да ги испитува ревизорските извештаи, недостигот на собрански расправи, како и тоа што Владата не обрнала посебно внимание на собраниската резолуцијата направена врз основа на извештајот на Државниот завод за ревизија.
Надзорната функција на Парламентот ја нема онаа димензија која што ја имаат парламентите на развиените демократски држави.
„Една од темелните функции на секој парламент, покрај законодавната е и надзорната функција. Не сакам да давам оценки за другите држави во регионот, кај нас надзорната функција на Парламентот ја нема онаа димензија што ја имаат парламентите на високо развиените држави“, рече претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната регионална конфренција „Јакнење на финансискиот надзор на парламентите од Западен Балкан“ .
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека надзорната улога е важна кога станува збор за Буџетот.
„Буџетот се полни пред сè од граѓаните, а ние сме пратеници избрани од нив. Затоа наша законска, но и демократска обврска е да вршиме транспарентен надзор на тоа како се трошат народните пари и дали преку буџетот се задоволуваат потребите на граѓаните и дали се обезбедува стабилна сегашност и развојна иднина„ рече Џафери.
Швајцарската амбасадорка Сибил Сутер во Македонија најави продолжување на поддршката на Парламентите од Западен Балкан, која сега помага во Македонија, Србија и Албанија.
„Швајцарската поддршка на Парламентите ќе се зголеми во текот на следните години така што се очекува финансикиот надзор да биде еден од главните теми. Парламентите од Западниот Балкан имаат развиено различни практики во поглед на организацијата на финансискиот надзор“, рече амбасадорката Сутер.