Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, со кој ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујевски доби само година и пол казна затвор за палење на доказите за прислушување во управата со која раководел, денеска падна на Уставниот суд.
Со мнозинство гласови од шесте судии во Уставниот суд, (најмалку пет судии), законот е укинат и престанува да важи со објавување на денешната одлука во Службен весник.
Со ова, судиите се враќаат на стариот принцип да судат според својата совест, стручност, познавање на правото и самите да ги ценат околностите дали некој треба да добие помала или поголема казна за исто кривично дело. А не според тоа дека ако бил првпат осудуван, татко на две, на три деца, за крупни кривични дела на обвинетите да мораат да им изрекуваат ниски казни, зашто мерките …од – до…, биле стриктно напишани во сега соборениот закон. Дали биле во право или не судиите во судските пресуди според својата совест и стручност, ќе одлучуваат повисоките судови.
За САКАМДАКАЖАМ.МК од Уставниот суд аргументираат дека законот е укинат поради тоа што го крши Уставот во најмалку 4 одредби. Основно, тој се кочи со уставното начело за самостојност и независност на судството, ја нарушува поделбата на власта на законодавна, судска и извршна, зашто не може Палраментот кој го изгласал овој закон, да им кажува на судиите како да пресудуваат. И конечно, велат од Судот, се гази начелото Врховниот суд да е тој што е надлежен да го обезбеди единството во примената на законите и ако имало шаренило во пресудите за исти кривични дела, Врховниот да обезбеди единство во примената, а не Собранието.
Контроверзниот закон беше донесен во 2014 година.
С. К. ДЕЛЕВСКА