Дваесет општини од вкупно 80 не можат да функционираат нормално, бидејќи се со блокирани сметки. Станува збор за општините Зрновци, Пласница, Ресен, Делчево, Охрид, Струга, Пехчево, Куманово, Градско, Брвеница, Тетово, Ранковце, Сопиште, Берово, Карбинци, Старо Нагоричане, Неготино, Чашка, Долнени и Врапчиште, објави „Макфакс“.
Сметката на Општина Куманово била блокирана за долг од 67 милиони денари, но основниот долг е отплатен и останува да се плати каматата во износ од 12,1 милиони денари. Општина Чашка е со блокирана сметка поради долг од над 15 милиони денари. Општина Зрновци има долг од околу 8 милиони денари, а Општина Пехчево 81 милион денари, без камати. Општина Берово е со блокирана сметка поради долг од 31 милион денари, исто така, без камати.
Од општините, чии што сметки не се блокирани, најмногу должи Град Скопје – 33 милиони евра, а Општина Битола должи 12 милиони евра.
Додека им е блокирана сметката на општините, судот им одредува лимит кои што можат да ги повлекуваат од сметката за плати и надоместоци за вработените, а останатите средства што се слеваат на сметката одат за отплата на долговите.