Чарлс Менсон, еден од најозлогласените криминалци во САД кој стана симбол на темната страна на контракултурата на 60-ите години од минатиот век, почина на 83-годишна возраст, никогаш не излегувајќи на слобода за злосторствата што ги извршија следбениците на неговиот култ.
Менсон беше примен во болница во Бејксерсфилд, Калифорнија, во почетокот на овој месец и таму починал од природна смрт.
Тој помина речиси половина век во затвор, откако во 1969 година, неговите следбеници, познати под името семејството Менсон, убија седум луѓе, вклучувајќи ја и трудната сопруга на режисерот Роман Полански, актерката Шерон Тејт.
Таа беше брутално убиена од Сјузан Еткинс, која потоа со нејзината крв испиша „свиња“ на домашната врата.
Освен Тејт, до смрт беа избодени уште четири лица, а наредниот ден, тие во Лос Анџелес ја убија и богатата брачна двојка Лино и Розмари Лабјанка. Овие убиства станаа познати под името Тејт-Лабјанка убиства.
Иако не бил присутен на двете места на злосторство, тој беше осуден за убиство бидејќи ги насочувал своите следбеници. Тој во прв момент беше осуден на смрт, но казната беше преиначена во доживотна и оттогаш, 12 молби за помилување му беа одбиени.
„Менсон беше зол, софистициран криминалец, со изопачени морални вредности. На овој ден, единствените на коишто треба да се сеќаваме се неговите жртви“, изјави Винсент Буљози, обвинителот од Лос Анџелес, кој го стави Менсон зад решетки.
Од семејството Менсон, Сјузан Еткинс почина во 2009 година, а тројца остануваат во затвор.
Роден во 1934 година, Менсон бил активен во хипи движењето во 60-ите години и во прв момент сакал да биде музичар, но до летото 1969 никој не сакал да му ги издаде песните. Многумина сметаат дека ова разочарување било повод за неговите насилства.