Фудбалерите на Севилја се вратија од три гола негатива против Ливерпул во петтото коло на Лигата на шампионите, откако тренерот Едуардо Берицо на полувремето им открил дека има рак.
Шпанскиот прволигаш по завршувањето на средбата и официјално соопшти дека Аргентинецот боледува од рак на простата.
„Медицинскиот тим на Севилја потврдува дека на тренерот на првиот тим Едуардо Берицо му е дијагностициран рак на простата. Врз основа на идните испитувања, ќе биде решено што понатаму ќе се преземе“, стои во соопштението на клубот.
Ливерпул имаше големо водство од 3:0 по првите 45 минути на стадионот „Рамон Санчес Пичуан“ во Севилја, но до крајот на средбата, домашните играчи успеаја да се изборат за бод. Севилја израмни во судиското продолжение, што играчите го прославија во прегратка со својот тренер.
„Ова беше луд натпревар. Во второто полувреме моравме да излеземе на терен со друг пристап, заради фановите, заради тренерот. Тој е најважен моментално. Ќе бидеме со него на овој пат“, кажа плејмејкерот на Севилја, Евар Банега.