Аргентинската подморница „Сан Хуан“, која исчезна во јужен Атлантик минатата недела, најверојатно, била уништена од експлозија, со што исчезнаа и последните надежи дека 44-цата морнари ќе бидат пронајдени живи.
Ова го соопшти портпаролот на морнарицата Енрике Балби, негирајќи дека таа била нападната од некого.
„Абнормален, поединечен, краток, насилен, ненуклеарен настан бил забележан во јужен Атлантик минатата недела“, изјави Балби.
Оваа информација ја достави една меѓународна организација со седиште во Виена, која води глобална мрежа за откривање на можни тајни атомски експлозии. Таа на 15 ноември детектирала невообичаен сигнал под морето, во близина на местото каде што исчезнала подморницата минатата среда, во чие спасување се вклучија армиите на десетина земји, меѓу кои и САД и Русија.
„Две хидроакустични станици на организацијата го детектираа сигналот на овој подводен импулсивен настан, што се совпаѓа со аномалијата што ја регистрираше и американската морнарица. Најверојатно, во подморницата дошло до експлозија. Знаеме каде, но не и зошто“, додаде Балби.