Собранието сè уште нема добиено барање од Кривичниот суд за одземање на имунитет на пратеници кои денеска се приведени или повикани на распит за учество во организираниот напад во Собранието на 27 април. Ова го изјави Павле Богоевски, претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, чиј што член е и приведениот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Крсте Мукоски. Член на комисијата е и Јохан Тарчуловски.
„Веднаш штом ќе стаса барањето од судот, ќе ја закажам седницата и ќе ја водам согласно Уставот, Деловникот и законите во интерес на заштита на достоинството на пратениците“, кажа Богоевски во Собранието.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција утринава соопшти дека против 36-мина отворило истрага за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години.
Според Уставот, пратеникот ужива имунитет и не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е предвидена казна затвор во траење на најмалку пет години.
Според Деловникот на Собранието, пратеникот ужива имунитет од денот на верификацијата до денот на престанокот на мандатот. Барањето за одобрување притвор на пратеник, надлежниот орган го поднесува до претседателот на Собранието. Ако барањето не е доставено од надлежен орган, претседателот на Собранието за тоа го известува органот. Надлежниот орган го известува претседателот на Собранието за притворот на пратеникот и кога тој не се повикал на имунитетот. Потоа, претседателот на Собранието, барањето за одобрување на притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Комисијата е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието. За седницата на Комисијата се известува и пратеникот на кого се однесува барањето.
Врз основа на извештајот на Комисијата за деловнички и мандатно- имунитетни прашања, Собранието најдоца во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот, одлучува по барањето. По известувањето за притворање на пратеник кој не се повикал на имунитет, Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник, ако тоа е потребно за вршење на функцијата пратеник.