ЧАВКОВ И 35 ДРУГИ СЕ ГОНАТ ЗА ТЕРОРИЗАМ, ОБЈАВИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО

    ЧАВКОВ И 35 ДРУГИ СЕ ГОНАТ ЗА ТЕРОРИЗАМ, ОБЈАВИ ОБВИНИТЕЛСТВОТООбвинителството отвори истрага истражна против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со настаните од 27 април во Собранието. - Еден од уапсените утринава спроведен во Основниот суд Скопје 1 (Фото: М. Златевска)

    Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со настаните од 27 април во Собранието, соопшти Јавното обвинителство. Оттаму велат дека завршиле со предистражната постапка по преземање на сите дејствија за утврдување на фактите.

    За ова дело се предвидени најмалку 10 години затвор.

    „Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по преземање на сите дејствија за утврдување на фактите во врска со настаните кои се случија на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија ја заврши предистражната постапка. По разгледување и анализа на прибраниот доказен материјал, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението.

    Утринава потврда од МВР имаше за апсењето на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков. Тој се наоѓа во Основниот суд Скопје 1, каде што дава исказ пред судија на претходна постапка. Во Судот се уште повеќемина други приведени утринава во голема акција на полицијата. Меѓу  нив се и пратениците Крсто Мукоски, Жаклина Стефановска, актерот Владо Јовановски, Горан Ангелов од таканареченото Македонско патриотско здружение „Андон  Јанев – Ќосето“ од Велес и дел од организаторите на протестите „За заедничка Македонија“.

    Извештајот на Работната група на МВР, формирана на 3 мај од поранешниот министер Агим Нухиу да ги расчисти настаните од 27 април, покажа дека тогашниот директор на Биро за јавна безбедност и раководител на Оперативниот штаб Чавков му одговорил на Нухиу дека сè е под контрола, откако од министерот му било сугерирано дека ситуацијата во Собранието може да ескалира попладнето на 27 април. Откако ескалирала ситуацијата, министерот Нухиу не можел да оствари телефонска комуникација со Чавков сѐ до доаѓањето на директорот на БЈБ во Оперативниот штаб во 20,07 часот.

    На 16 јули, ТВ Телма повикувајќи се на неименувани полициски извори на истрагата, објави дека  Чавков за време на организираниот напад на Собранието на 27 април додека траеле насилствата бил на само стотина метри од Собранието. Според тие извори, сигналот на мобилниот телефон на Чавков бил фатен на три базни станици и тоа на седиштето на ВМРО, Алмако и Италијанската амбасада, во триаголникот во најстрогиот центар на Скопје. Чавков бил во овој дел од градот до 20 часот, а потоа заминал во оперативниот штаб за протестите кој се наоѓал во кругот на МВР.

    Чавков одбил да даде исказ пред работната група во МВР на истрагата, а досега воопшто не беше повикан ни во Обвинителството за организиран криминал, кое истражува организиран напад на Собранието,

    На 28 април, тогашниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу рече дека за време на нападот на Собранието Чавков два часа не му бил достапен на телефон и дека е директно одговорен за насилството. Од друга страна пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој на денот на нападот на 27 април беше во Виена, на 28 април во интервју на Топ тема во Телма изјави дека за цело време на насилствата бил во телефонски контакт со Чавков.

    Обвинителството за организиран криминал досега има направено само реконструкција на настанот, има повикувано пратеници од СДСМ и од ДУИ да ги дополнат првичните изјави. Досега  ги немаше повикано пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски, Љупчо Арнаудов, Јохан Тарчуловски, ни Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, а ни Љупчо Димовски од Социјалистичката партија, кои ја пречекаа и ја насочија толпата нагоре, за да ги нападне пратениците кои не се од ДПМНЕ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира