РОДИТЕЛИТЕ СЕ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА НА ДЕЦАТА И ПОКРАЈ НЕГАТИВНАТА КАМПАЊА, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕТО НА ХЕЛТГРУПЕР

    РОДИТЕЛИТЕ СЕ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА НА ДЕЦАТА И ПОКРАЈ НЕГАТИВНАТА КАМПАЊА, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕТО НА ХЕЛТГРУПЕРЛуѓето мора да знаат дека вакцините спасуваат животи, една од пораките на денешната дебата за вакцините и контроверзите за нив. (Фото:СДК.МК)

    Резултатите од истражувањето на невладината организација „Хелтгрупер“ за вакцинацијата во земјава, покажале дека повеќето од родителите кои учествувале во истражувањето се за вакцинација. Од „Хелтгрупер“ велат дека се изненадени од овој резултат со оглед на тоа дека опфатот на вакцинирани деца последните неколку години опаѓа, под влијание на антивакциналните кампањи.

    Според податоците од Министерството за здравство лани најмал бил опфатот на вакцинирани девојчиња против ХПВ, кој предизвикува рак на грлото на матка, односно биле вакцинирани 53, 3 отсто од 12 годишните девојчиња.

    Отпор против оваа вакцина имаше уште од нејзиното воведување во 2010 година, а алармот кај здравствените власти беше вклучен кога се намали бројот на вакцинирани деца против морбили, рубеола и паротит. Лани оваа вакцина на територијата на целата земја ја примиле 82,1 отсто од децата, а во Скопје е најмал опфатот каде 66 отсто од децата се вакцинирани. Опфатот со оостанатите вакцини се движи од 93 до 95 отсто.

    „Идејата е да се зборува за контроверзите што неколку години наназад се јавија околу вакцините и поради тоа што е намален опфатот на вакцинирани деца, поради што може да се вратат некои болести кои биле искоренети. Отвараме една дебата, на која се поканети експерти од Министерство за здравство и од факултетите, но и луѓето кое се загрижени од негативна појава“, рече Владимир Лазаревиќ од „Хелтгрупер“, пред почетокот на јавната дебата за вакцините и контроверзите околу нив, која беше организирана токму од оваа невладина организација.

    Тој кажа дека многу е важно луѓето да разберат дека вакцините спасуваат животи и дека вакцинацијата треба да биде прифатена.
    „Граѓаните немаат никаква причина да се плашат заради тоа што сите вакцини во Македонија се квалитетни. Тоа што се има случано поради погрешно публикувана информација во Англија од еден професор има големно негативно глобално дејство луѓето да доведуваат во прашање факти кои 300 години наназад функционираат“, рече Лазаревиќ.

    Според д-р Татјана Баевска Вучковиќ, за разлика од лани, годинава опфатот на вакцинирани деца со МРП вакцината е зголемен, како резултат на миниепидемијата со морбили што се јави во Скопје. Таа кажа дека лани во Скопје мал бил опфатот само кај малите деца, додека ревакцината која ја примаат децата на шестгодишна возраст ја примиле 91 отсто од децата.

    „Оние деца што пред шест години примиле вакцина во 2016 повторно си ја примија редовната ревакцина. Годинава опфатот во Скопје е задоволителен, бидејќи неодамна имавме миниепидемија во Скопје и кога родителите ќе се соочат со таква појава почнуваат да ги носат децата. Верувам дека треба да бидеме поприсутна во јавноста и да се залагаме максимално за комуникација со родителите и да имаме унифицирана информација дека со вакцините на наједноставен и најефикасен начин спречуваме развој на заразни заболувања, кои може да предизвикаат и смрт“, рече Баевска-Вучковиќ.

    Д-р Јованка Костовска од Министерството за здравство кажа дека вакцините во земјава се носат од реномирани производители од Франција, Белгија и Бугарија и дека секоја увезена серија се контролира, а вакцините имаат и сертификат за квалитет од меѓународни рефернтни лаборатории.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира