ЛИЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ АПЕЛИРААТ ДО ВОЗАЧИТЕ ДА НЕ СЕ ПАРКИРААТ НА МЕСТАТА ПРЕДВИДЕНИ ЗА НИВНИТЕ ВОЗИЛА

    ЛИЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ АПЕЛИРААТ ДО ВОЗАЧИТЕ ДА НЕ СЕ ПАРКИРААТ НА МЕСТАТА ПРЕДВИДЕНИ ЗА НИВНИТЕ ВОЗИЛАДенеска се делеа летоци со кои се апелира до возачите да внимаваат каде се паркираат односно да не ги завземаат местата предвидени за возилата за лицата со посебни потреби. (Фото: СДК.МК)

    На главниот паркинг пред објектите на опшина Центар во Скопје „пајакот“ подига бел голф. На предната страна од возилото ставен е лист хартија на кој што пишува дека возилото е на Министерството за внатрешни работи.

    Но, тоа пусулче не помогна многу, бидејќи возилото беше паркирано на местото кое што е предвидено за паркинг на возилата на лица со посебни потреби. „Пајакот“ замина со непрописно паркираното возило а несовесниот возач го чека парична казна.

    Вака започна денешната кампања насловена „Паркирај совесно, не им го одземај паркинг местото на оние на кои им е напотребно“ која ја спроведуваат Паркинзи на Општина Центар и неколку невладини организации обединети околу Иницијативата 5 до 12.

    „Еве денеска нашите членови делеа летоци со кои апелираа до другите возачи да внимаваат каде се паркираат односно да не ги завземаат местата предвидени за возилата за лицата со посебни потреби. Сите лица со посебни потреби имаат проблем со паркирањето во градот. Тоа беше причината што инициравме средба со претставниците од Паркинзи на Општина Центар (ПОЦ). Од таму позитино одговорија на нашето барање и еве заедно потпишавме Меморандум за соработка. Овој Меморандум е направен не само со Здруженијата од Скопје туку на него се приклучија или можат доплнително да се приклучат сите здруженија на лица со посебни потреби од цела Македонија. Сега сите лица со посебни потреби кои се од Скопје или доаѓаат во Скопје своите возила можат бесплатно да се паркираат на сите паркинг места кои се под надлежност на ПОЦ. Сега сме и во преговори со надлежните служби од Град Скопје па оваа акција да ја прошириме не само во Општина Центар туку таа да важи за целата територија на Скопје бидејќи Скопје е град на сите од Македонија а не само на Скопјани. Тука пред се сакаме да направиме ова да важи и за паркирање на возилата во кругот на Клиничкиот центар бидејќи тука најмногу доаѓаат возила на лицата со посебни потреби“ рече Сузана Стојановска од Иницијативата 5 до 12.

    Од ПОЦ велат дека и досега лицата со посебни потреби се ослободени од плаќање паркинг на паркинзите на Општина Центар но сега со оваа кампања се сака да се зголеми свеста кај останатите возачи да внимаваат и да не ги паркираат своите возила на местата предвидени за Лицата со посебни потреби.

    „Оваа соработка со невладиниот сектор ќе продолжи и понатаму а ние секојдневно ќе се ангажираме и ќе им излегуваме во пресрет на лицата со посебни потреби околу нивните барања кои се во наша надлежност. Како наша наредна активност е отварање на телефонска линија со контакт број на која лицата со посебни потреби ќе можат директно да се јавуваат во ПОЦ во случај кога некое возило непрописно се паркирало на местото предвидено за паркирање на возилата на лицата со посени потреби. Така ќе може веднаш да интервенираме и да ги отстраниме тие непрописно паркирани возила“ изјави в.д. директорот на ПОЦ Вангел Андрески.

    Од ПОЦ исто така најавуваат дека ќе го зголемат бројот на паркинг места предвидени за возилата на лицата со посебни потреби на оние паркинзи каде за тоа ќе се јави потреба.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира