Денешното рочиште од судењето на Драган Павловиќ Латас за даночно затајување во Основниот суд Скопје 1 беше одложено откако одбраната побара судењето да се снима. На Латас му се суди во судница 4, која што е мала и нема услови за снимање, па судијата сега бара слободен термин во судница 1, единствена каде што може да се снима. Вчера од истата причина беше одложено судењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за предметот на СЈО „Траекторија“.
Драган Павловиќ Латас е обвинет во предметот на СЈО „Тотал“. Предметот е за даночно затајување против Латас како сопственик на фирмите „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ и „Тотал медиа центар“ ДООЕЛ. Обвинетиот се товари дека за даночните години од 2008 до 2015, со намера тој и правните лица да одбегнат плаќање даноци во завршните сметки и даночните пријави давал лажни податоци. Според СЈО, Правните лица го оштетиле буџетот за 121 илјади евра, а физичкото лице за 63 илјади евра.
А. АНТЕВСКА