Струјата нема да поскапи ако остане ваква цена на светските пазари, а граѓаните ќе имаат право на избор од кого ќе купуваат електрична енергија, рече вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Ова е предвидено со новиот закон за енергетика за кој во тек е јавна дебата која завршува в среда, кога доаѓа и директорот на Европската енергетска заедница Јанез Копач. Со предложените законски одредби се предвидува либерализација на пазарот, односно граѓаните да бираат кој ќе ги снабдува со електрична енергија. Освен за струја, граѓаните ќе плаќаат и сметка на ЕВН за оддржување на мрежата.
„Ако досега цената на струјата се одредуваше како збир од регулирана цена за ЕЛЕМ, регулирана цена за МЕПСО и регулирана цена за ЕЛЕМ, каде сите три компании освен трошоците добиваа и загарантиран профит од 8 отсто, тоа веќе нема да биде така. Сега нема да има гарантирана цена, туку ќе мора да излезат на пазар и да ги намалат трошоците на производство и да понудат пониска цена на струјата. Вкупната сметка што граѓаните ќе ја платата на крајот ќе биде цената на струјата со цената за оддржување на мрежата“, рече Анѓушев.
Тој кажа дека практично граѓаните ќе плаќаат две сметки, една за снабдувачот на струја, а другата за оддржување на мрежата, но може да биде и една сметка, ако снабдувачот се согласи во сметката за струја да ја вброи и сметката за оддржување на мрежата.
„Сметаме дека со либерализација на пазарот на електрична енергија ЕЛЕМ и останатите компании нема да имаат комоција да прават непродуктивни трошоци, како што е вложување во скијачки центри, туку ќе работат продуктивно“, кажа Анѓушев.
На оние граѓани што нема да сакаат да купуваат струја на отворен пазар државата треба да им обезбеди универзален снабдувач на струја, кој ќе се избира на тендер и кој ќе биде универзален снабдувач во рок од пет години.
„Овој универзален снабдувач, ако самиот не произведува струја, нема да може да купува струја како сака и кога сака и нереално да кажува цени, туку тоа ќе мора да го прави јавно на тендер. Регулаторната комисија за енергетика во случајов веќе нема да одредува регулирана цена на струјата, но ќе оодредува цена на универзалниот снабдувач и цена за користење на мрежата“, рече Анѓушев.
Со предлог законот за енергетика предвидено е постоечките компании за гас ГА-МА и МЕР да се спојат во едно, а тој што е спотсвеник на гасоводот да не може да врши трговија со гас.
„Таков проблем во моментов имаме со Макпетрол, кој врши трговија со гас, а во исто време има сопственост и во ГА-МА, каде на времето сопственоста била 50/50 со државата. Во меѓувреме има и судски спор, каде Макпетрол вели дека има поголем удел во сопственоста. Во случајов Макпетрол треба или да се откаже од трговијата со гас или да се тргне од сопственоста со ГА-МА. Разговаравме со сопствениците на Макпетрол, кои сакаат да останат во трговијата со гас и во случајов ќе се ангажира независна ревизорска куќа која ќе процени за колку државата треба да го откупи делот на Макпетрол во ГА-МА“, рече Анѓушев.
Тој рече дека овој закон државата требало да го донесе уште во 2014, и дека постоела опасност Европската унија да ја укине можноста Македонија да го користи парите од ЕУ фондовите.
„Оваа Влада доби нов рок до јули 2018 година да го донесе законот. До крајот на годината законот за енергетика треба да биде усвоен од Владата, а до март очекуваме да биде усвоен во Собрание. Даваме рок од 9 месеци за избор на универзален снабдувач и овој закон практично ќе може да се применува на крајот на следната година“, рече Анѓушев.
Е. БОЧВАРОСКА