Државата треба да обезбеди квалитетни лекови и сите граѓани да имаат пристап до нив, е една од препораките што ги упатија експертите кои ги истражуваа ефектите од спроведувањето на проектот „Здравствено осигурување за сите“. Податоците од истражувањето покажуваат дека 35 отсто од трошоците што граѓаните ги направиле во 2015 година за да обезбедат здравствена услуга, независно од здравственото осигурување во ФЗОМ, се за набавка на лекови, односно дека 27 отсто од трошоците на граѓаните се за лекови кои не се на товар на Фондот, а 7 отсто од трошоците се за лекови кои се на позитивната листа на лекови.
„И покрај тоа што скоро целото население е опфатено со здравствено осигурување, истражувањето покажа дека за да го остварат правото на здравствена услуга плаќаат приватно од свој џеб, а 35 отсто од овие трошоци се за лекови, независно дали тие лекови се на товар на ФЗОМ или не се. Затоа сметаме дека има простор државата да интервенира во делот на лековите, ако сакаме да го заштитиме населението“, рече Маја Парнарџиева Змејкова, еден од експертите вклучено во истражувањето и поранешен директор на Фондот за здравствено осигурување.
Таа кажа дека со истражувањето утврдиле дека Македонија има воспоставено севкупно здравствено осигурување и дека во моментов 95 отсто од населението е осигурено.
„Истражувавме зошто не се осигурени останатите пет отсто од населението и тука оваа група граѓани ги поделивме во четири категории. Граѓаните во три категории можат на различни начини да го остварат правото на осигурување, освен оние од четвртата група граѓани, кои поради тоа што не можат да извадат лична карта и останати документи не можат да добијат ниту здравствено осигурување. Станува збор за околу 500 граѓани, тоа се главно бездомници и лица од ромската популација, и сметаме дека тие нема да бидат голем товар за државата за да обезбеди здравствено осигурување за нив“, рече Парнарџиева Змејкова.
Државата го плаќа здравственото осигурување за околу 250.000 граѓани, или 25 отсто од населението, кои се пријавиле дека се под прагот на сиромаштија, додека истражувањето покажало дека според официјалните податоци од институциите 21 отсто од населението живее под прагот на сиромаштија.
„Сметаме дека и тука има простор за корекција, како и во делот колку државата плаќа за здравственото осигурување на социјално ранливите категории, а колкав е реалниот здравствен трошок. Според податоците што ги добивме државата за здравствено осигурување за луѓето што се под прагот на сиромаштија плаќа 880 денари месечно, а реалниот здравствен трошок е 1.480 денари. Сметаме дека и тука има простор за корекција“, рече Парнарџиева Змејкова.
Таа кажа дека за разлика од пензискиот фонд, ФЗОМ нема буџетски дефицит, ниту пак досега примал дотации од Владата за покривање буџетски дупки.
„Од друга страна пак факт е дека долговите на јавните здравствени установи изнесуваат 3,5 милијарди денари“, рече Парнарџиева Змејкова.
Истражувањето се обидува да одговори и на прашањето колку е одржлив финансиски вака поставениот начин на функционирање на здравствениот систем, особено што околу 300.000 граѓани по различни основи се ослободени од плаќање на партиципација за добиената здравствена услуга.
Рубинчо Заревски, поранешен директор на ФЗОМ, кажа дека сега како што е поставен здравствениот систем, каде нема соодветна контрола на трошоците во здравството, не може да се каже дали ако се зголеми придонесот за здравствено осигурување ќе се реши проблемот со финансирањето на здравствените услуги.
„Досега не е воспоставен развоен модел на здравствениот сектор. Позитивната листа на лекови не е обновена 7 години, откако беше ставен само еден нов лек на товар на Фондот. Минатите власти кога се фалеа за колку поевтиниле лековите, всушност не кажуваа дека намалени се цените на лекови кои веќе не се увезуваат кај нас, или на дози кои малку се користат, а всушност растеа цените на лековите кои населението ги користи многу повеќе. Од друга страна во последните седум години бројот на пропишани лекови е зголемен за 119 отсто, и вака ако продолжи моделот ќе биде неодржлив. Преку овој труд се обидуваме да понудиме решение“, рече Заревски.
Ова истражување е спроведено преку невладината организација „Фајненс тинк“ во рамки на проектот „ФИСКАСТ+: Фискалната транспарентност и одговорност ги подобрува политиките за квалитет на животот, образованието и здравството“, финансирано од амбасадата на Велика Британија.
Е. БОЧВАРОСКА