Жителите на општината Ранковце не може да се пријават пожар на телефонскиот број 193, бидејќи телефонот е исклучен за неплатени сметки. Поради тоа, за да пријават пожар мора лично да одат во Пожарниот дом или да ги користат приватните телефонските броеви на пожарникарите.
„Дека состојбата е катастрофална во општината покажува и податокот дека е исклучен телефонскиот број 193 во Противпожарниот дом. Неодамна имаше пожар на два помошни објекти во селото, па жителите дошле да пријават во пожарната“, вели градоначалникот Ивица Тошевски, кој на локалните е избран како независен кандидат.
Тој додава дека Општина Ранковце е задолжена 250.000 евра и е целосно блокирана, бидејќи е исклучен Интернетот и телефоните, а немаат пари за основните потреби: хартија, тонер, гориво. Поради долг од 40.000 евра исклучено им е уличното осветлување, а во најскоро време постои опасност да остане без струја и општинската зграда поради долг од над 20.000 евра. На советниците во Советот на Општината не им се исплатени паушали за последните 5 години.
Општина Ранковце се наоѓа во североисточниот дел на Македонија, покрај магистралниот пат Куманово и Крива Паланка, рурална општина со 4.500 жители. Таа беше една од 4 општини каде во предходниот мандат градоначалникот беше од СДСМ, па немаше помош од централната власт, а наследила и големи долгови од предходната власт кои не можела да ги враќа.
С. НИКОЛИЌ