Холандскиот амбасадор Воутер Пломп денеска потсети на наводите на експертот на ЕК Рајнхард Прибе дека треба да се истражат повредите на законот и на судските постапки од страна на судиите кои ја блокираа работата на Специјалното обвинителство.
„Во извештајот за Македонија Прибе наведува дека најголемиот дел од судиите се професионалци и не е потребна генерална смена, што е добра вест. Но во исто време, тој посочува дека сериозните повреди на постапките што се направени од страна на судиите, треба да бидат истражени и ако се докажат, треба да има сериозни последици. На овој начин, ќе им се овозможи на поголемиот дел од судиите да ја работат работата како што треба“, рече денеска Пломп во Здружението на судии на Македонија, каде со претседателот и врховен судија Џемали Саити, промовираа Тело за етика на судиите.
Холандски судии ќе ги помагаат македонските колеги преку Телото за етика, за да работат на изградба на личниот интегритет, сила и отпор пред политичките и сите видови закани и притисоци во професијата, за да се дојде до независно судство. Средствата се на холандските граѓани.
„Дури и кога имате најдобри закони, резултатите ќе бидат лоши, сè додека тие правилно не се спроведат и не се спроведат од луѓе кои држат до себе“, рече амбасадорот Пломп.
Саити на новинарско прашање одговори дека мислењето на етичкото тело нема да биде обврзувачко или казниво за судиите, но дека ќе ги одредува етичките граници на судиите. Судиите, рече тој, во ова тело во рамки на Здружението на судии, ќе може да се обратат во секој момент и за секој проблем.
С. К. ДЕЛЕВСКА